На 34. издание на „Макфест“ што ќе се одржи на 10, 11 и 12 октомври 2019 во Штип, меѓу изведувачите на сцената ќе запее и пејачката Росана Сариќ-Тодоровска.
По речсии 20 години пауза од естрадата таа ќе ја отпее песната „Спомени“ која е авторско дело на Александар Митевски. Токму овој шлагер ќе ја издвои од останатите учесници, а делото на Митевски било пресудно таа повторно да и се врати на музиката.
Во интервју за „Фокус“ Росана вели дека се двоумела за камбек, но емоциите односно „пеперутките“ кои ги почувствувала откако ја слушнала песната пресудиле за нејзината одлука.
-После толку години, на мое огромно задоволство со една мала доза на резерва ќе пеам една фантастична балада, со искрен и реален текст, каде покрај младите настапувачи и останатите жанрови ќе се обидеме да го вратиме барем малку времето на шлагерот – вели Тодоровска за „Фокус“ и додава дека фестивалот и буди многу емоции, а за неа емоциите живот значат.
За потсетување, Росана за првпат јавно настапи во дует со својата сестра близначка Марјана на 17-годишна возраст. Кариерата ја започнува со интерпретации на поп мелодии, но нејзиниот интерес се менуваше и кон фолк естрадата. Од 1991 година започна соло кариера, а беше присутна и на фестивалските сцени, но пееше и заедно со „Четирите грации“.
Моментално Росана работи во една скопска книжарница, а активна е и на социјалните мрежи каде може да се погледнат фотографии од нејзиниот приватен живот.