Доколку постојано се чувствувате исцрпено, можеби е време да почнете со внесување повеќе железо и витамин Б12. Имено, можеби сте слабокрвни односно анемични. Па, што е всушност анемија? Анемија е нарушување што се случува кога немате доволно црвени крвни клетки за да го разнесуваат кислородот низ телото. Некои поединци имаат вродена анемија, но најголемиот дел од луѓето страдаат од анемија поради недоволно консумирање железо и витамин Б12, кои се потребни за производство на здрави црвени крвни клетки. Ова се 7-те скриени симптоми на анемија што би требало да ги знаете…
1. Често ви снемува воздух и имате вртоглавица
Кога телото нема доволно железо или витамин Б12, не може да произведува доволна количина на еден посебен вид протеин, што се вика хемоглобин. Хемоглобинот е од големо значење за функцијата на црвените крвни клетки. Хемоглобинот, кој е толку богат со железо што ѝ ја дава црвената боја на крвта, му овозможува на кислородот да се поврзе со клетките, за тие да можат да го пренесат во крвотокот и низ целото тело. Кога нема доволно железо или витамин Б12 за да се создаде доволно хемоглобин, некои делови од телото не го добиваат потребниот кислород. Како резултат на тоа, на анемичните луѓе многу лесно им снемува воздух и понекогаш имаат толку малку кислород во главата што чувствуваат дека ќе се онесвестат.
2. Постојано сте исцрпени
Еден од најчестите симптоми на анемија е чувството на хронична исцрпеност. Проблемот е што малкумина ја препознаваат исцрпеноста како симптом. Некои се чувствуваат поизморени, некои го чувствуваат уморот дури по одредена активност. Уморот е предизвикан од истиот процес што доведува до недостаток на воздух и вртоглавица. Без доволно железо и витамин Б12, нема доволно хемоглобин, а без доволно хемоглобин, нема доволно кислород во телото.
3. Кожата ви е побледа
Ако немате здрави црвени крвни клетки за да им пренесат кислород на вашите органи, нормално е тоа што вашиот најголем орган (кожата) нема да изгледа здраво. Ако немате доволно железо или витамин Б12 во организмот, можно е кожата да не добива доволно крв што доведува до блед, па дури и жолтеникав изглед.
4. Чувствувате болки во градите
Кога не циркулираат доволен број црвени крвни клетки, срцето мора да работи уште понапорно за да ги придвижува во телото. Како резултат на тоа, срцето чука побрзо од вообичаено и може да почувствувате болки во градите. Не смеете да го игнорирате овој проблем, особено ако имате и други срцеви проблеми. Според едно истражување, анемичните пациенти со акутен коронарен синдром се изложени на поголем ризик од кардиоваскуларни болести, па дури и смрт, за разлика од пациентите со акутен коронарен синдром кои не се анемични. Токму поради тоа, анемијата се смета за моќен показател на потенцијалните срцеви проблеми кај пациентите.
5. Бремени сте или губите многу крв
Можеби консумирате доволна количина на железо, но анемични сте затоа што губите крв од други причини. Бремените жени се особено подложни на анемија, бидејќи телото мора да произведува повеќе крв од вообичаено за да го овозможи развојот на бебето. Меѓутоа, жените кои не се бремени, мажите, па дури и децата кои имаат стомачни проблеми, како што се чирови, хемороиди, воспаление на стомакот и рак се изложени на зголемен ризик од анемија, доколку нивните здравствени проблеми предизвикуваат хронично крвавење.
6. Следите вегански начин на исхрана
Сојата, темниот листест зеленчук и тофуто содржат железо, па затоа веганите и вегетаријанците можат да ја внесат потребната количина на железо. Меѓутоа, нутриционистите советуваат дека е невозможно да се внесе витаминот Б12 преку растенија. Како резултат на тоа, единствениот начин на којшто веганите можат да ја внесат потребната количина на Б12 е редовно да земаат додатоци во исхраната.
7. Обожавате да лижете коцки мраз и да јадете други чудни ужини
Еден од најнеобичните симптоми на анемија е потребата за нехранливи производи, како што се коцки мраз, сода бикарбона, глина, па дури и моливи или исушена боја. Уште поинтересно е тоа што докторите и истражувачите не знаат зошто пациентите сакаат да јадат вакви необични работи. Меѓутоа, експертите сепак тврдат дека ова е многу чест симптом на анемија.
Што да направите доколку сте анемични?
Доколку забележувате некои од овие симптоми кај себе и мислите дека сте анемични, многу е важно да одите на доктор за да видите каков тип анемија имате и што треба да направите за да ја излечите. Немојте да купувате непроверени производи на своја рака. Најважно е да ја разберете причината за недостатокот на железо и да ја прилагодите вашата исхрана, но тоа ќе можете да го сторите само ако закажете лекарски преглед.
извор:кафепауза.мк