Знаеме дека Мадрид, Барселона, Валенсија и Севиља веќе ви се добро познати, но Шпанија изобилува со мали гратчиња кои се всушност вистински бисери. Погледнете во продолжение за кои градови станува збор.
1. Саламанка
Архитектурата што се одликува со грациозност како и прекрасната атмосфера го прават овој град неизбежна дестинација на рутата од Мадрид до Лисабон. Градот има дури две катедрали и впечатлива универзитетска зграда што датира од 15-ти век. Додека шетате по улиците, ќе се чувствувате како да сте на снимање на некој филм. Во текот на денот ќе ги прочитате имињата на улиците врз рачно насликаните табли, а навечер можете да го почувствувате младешкиот амбиент на градот кој врие од студенти.
2. Замора
За да влезете во овој град ќе треба да поминете по средновековниот мост што поминува преку реката Дуеро, една од најголемите реки на Пиринејскиот Полуостров. Повеќе од 20 романескни цркви, средновековен замок како и згради во арт деко стил се доволна причина да ја посетите Замора, а тука се наоѓа и познатиот музеј на скулптури на Балтасар Лобо. Поворката по улиците на градот што се одржува за време на Светата недела е особено впечатлива.
3. Сеговија
Сеговија се наоѓа на еден час возење северозападно од Мадрид и е позната по својот римски аквадукт што датира од 1-ви век и Алказар, кој наликува на замокот од цртаните филмови на Волт Дизни. Градот може да се пофали и со преубава готска катедрала. Доколку ја посетите Сеговија, ќе се изненадите од совршената комбинација на архитектура и гастрономија што навистина би било штета да се пропушти.
4. Ронда
Нема турист кој не бил воодушевен од Ронда. Градот се наоѓа на околу 100 км северозападно од Малага и е еден од најубавите градови во Андалузија. Едно од највпечатливите обележја на градот е мостот Пуенте Нуево што се издига на 120 метри и преминува преку реката Гуадалевин. Архитектурата на градот е совршен спој од влијанијата на Арапите и Римјаните, а старите, калдрмисани улички водат кон една од најстарите арени за борба со бикови во Шпанија.
5. Толедо
За многумина, Толедо е еден од најомилените шпански градови. Тука ќе се чувствувате како да сте зачекориле во некој друг век. Импресивните ѕидини и градските порти се првото нешто што ќе ве воодушеви, а по еден час прошетка низ градот ќе стигнете до Мирадор, место со панорамски поглед на целиот град.
6. Виго
Раздвижениот пристанишен град е полн со љубезни жители и врвни деликатеси. Локален специјалитет е октоподот што не е за чудење со оглед на тоа дека градот е сместен на брегот на Галиција и секој ресторан може да се пофали со сопствена верзија на јадења со октопод. Она што го прави посебно привлечен за туристите е тоа дека цените се пристапни и фактот дека е оддалечен на само 45 минути возење со траект од островите Циес што се одликуваат со едни од најубавите плажи во Шпанија.
извор: Кафепаауза.мк