Промотер

Зуица Лазова ја испеа „Земјо мила“,  композиција на која ниту еден Македонец не може да остане рамнодушен (ВИДЕО)

Зуица Лазова ја испеа „Земјо мила“,  композиција на која ниту еден Македонец не може да остане рамнодушен (ВИДЕО)

„Колку векови во темнина си била, колку темни сказни знаеш, земјо мила, колку страдања на рамена си збрала, колку жртви ти за слобода си дала…“ – ова се дел од стиховите од песната „Земјо мила“композиција на која ниту еден Македонец не може да остане рамнодушен. Оригиналната верзија на „Земјо мила“ во далечната 1977 година на Скопскиот фестивал ја отпеа кумановецот Никола Давидовски – Коле, а нејзин комплетен автор е Јане Коџобашија. Давидовски ја пеел и во Јајце, на големите концерти на тогашната ЈНА во Белград, во Титоград, ечела и кога дошол Тито во Скопје, а сега спакувана во ново руво од маестро Николче Мицевски је пее и Зуица Лазова.

Коџабашија, кој инаку во својот музички опус има поголем број родољубиви песни, зашто, како што вели и самиот, има афинитет кон нив, „Земјо мила“ ја создал додека работел како новинар во тогашното Радио Скопје и имал 35 години. Во една прилика има изјавено дека можеби на фестивалот на кој била премиерно изведена не добиле награда, но тоа што „Земјо мила“ сѐ уште живее е најголемото признание.  

„Чест ми е што сум дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“, зашто Македонија е во срцето на секој Македонец. Песната „Земјо мила“ е преубав евергрин кој неправедно е помалку експониран, а ова е убава можност во ново руво да ја запознаат и засакаат и помладите генерации. Со песна македонскиот народ опстојувал со векови, па така ќе биде и понатаму зашто нашиот фолклор е наша лична карта и идентитет“, вели Зуица.

Видеото за „Земјо мила“ – инаку мошне емотивно и со кадри во кои се застапени и децата белаци, веќе ви е сигурно добро познато е со потписот на Скендеровски продукција, која стои зад целиот проект „Македонијо во срце те носиме“. Дел од проектот се 12 македонски родољубиви песни отпеани од исто толку изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика. Она што остана уште да го чуе публиката е песната отпеана од ар ен би двоецот ДНК.

Уживајте во изведбата на Зуица Лазова и наскоро очекувајте детали за стартот на концертниот караван кој под истото име „Македонијо во срце те носиме“ ќе гостува во неколку македонски градови – Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кој ни го оставиле генерациите пред нас.

To top