За пејачот Живко Динев по се изгледа ќе премине во традиција овој период од годината да ја чести својата публика со нова музика за душа.
Тој на крајот од минатиот месец декември 2018 година, точно пред прагот на Новата Година издаде видео материјал со преработка на 15 музички бисери кои беа внимателно избрани за празничниот период.
Проектот на Жика беше реализиран заедно со неговите колеги, пријатели и музички соработници.
Сега, токму пред крајот на 2019 година Живко најавува уште една преработка на народна песна насловена „Лудо младо“ чиј аранжман на новата верзија е на Никола Автовски, текстот е на Ѓорѓи Калајџиев, а за пакетот да биде целосен, Динев не исклучува ниту видео спот кој го најавува наскоро.
Годината ја заокружувам со доста работа и проекти кои верувам дека ќе и се допаднат на мојата публика. Покрај „Лудо младо“ и спотот за истата, се работи и на уште една македонска песна во 7/8 ритам која е дело на Дарко Илиевски, текстот на Борче Нечовски, а ќе биде промовирана заедно со видео, најавува Живко.
Инаку, агендата на Динев за периодов е исполнета со предновогодишни забави на кои е ангажиран, додека најлудата ноќ во годината ќе ја помине работно на настап во Германија заедно со фолк-пејачката Сања Барбика и Гоце од „Синтезис“.