Во пресрет на шеснаесетото издание на Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција” 2022, возбудата расте како кај организаторот така и кај публиката.Најавени се имињата кои ќе настапат оваа година, и останатиот дел од програмската соддржина. „Локум фест“ е првата фестивалска манифестација во Македонија која својот зародиш го има во старата битолска чаршија, како обид да се сврти вниманието кон истата. Битолската чаршија синоним за занаети, еснафи, мултикултурализам и секако за кафе со локум како синоним за средба, со години се празни, а објетите ги јаде времето. Амбиенталната архитектура, сведок на едно време, се повеќе се стилизира или распаѓа, а со тоа и нашата врска со минатото.Отаму и е мотивот и идејата за фестивал кој ќе ги спои во еден концепт:музиката, традицијата, креативните индустрии и културното наследство.
Ова година започнува на 21.07 на платото на Офицерски дом со македонската етно група „Монистра” кои одбележуваат 20 години постоење, за да продолжиме со фантастичните момци од Бретања-Франција, PLANTEC ,чија што звук е спој на традиционална и електронска музика.
За наредниот ден на 22.07 на истото место промовираме ладино албумот на американката Сара Ароесте „Монастир” посветен на Битола, со музичари од Израел и Македонија, а вечерта да ја завршиме со играње и пеење на балканска музика со познатата храватско-шведско-македонска група „Афион”.
„Локум фест“ од неодамна е членка на Европската фестивалска мрежа за Балканот „MOST” што значи нејзино европско легитимирање и далеку побогаа програма. Фестивалот е финансиран од Министерство за култура како проект од национално значење, и секако од Општина Битола, која дава силна поддршка.
„Локум фест“ е еден од ретките фестивали кои сеуште смело стои на браникот на одбраната на културата од се поголемата естрадизација на истата промовирајќи трајни вредности наместо само забава. Културата може да биде забавна, но културата не е забава.Токму и таков однос треба да имаат оние кои ја субвенционираат културата, а потребна е и дебата и интервенција во законот за спонзорства и донации каде јавниот интерес во културата е изедначен со естрадата.