Ништо лично

Во чест на Чивчи: „Дал да плачам, ил да пеам?“

Во чест на Чивчи: „Дал да плачам, ил да пеам?“

Замина уште еден голем човек, голем уметник, голема пејачка ѕвезда… Подеднаково почитуван и сакан како и неговите песни и дома и во регионот. И не дека не треба, ама и оние што го познаваа и оние што не го познаваа, ниту него, а некои не знааат да запеат и ниту една негова песна му очитаа опело на социјалните мрежи.

И „шуто и рогато“ тргна да се простува од Оливер Драгојевиќ. Вклучувајќи ја и Владата на РМ, со се сите министри на чело со премиерот Зоран Заев! Небаре секој втор ден кафе пиеле со големиот хрватски уметник.

Но добро, дури и да се во право, дури и да тоа што се прави е издржано, ајде, во најмала рака човечки, ова само уште еднаш го покажа и потврди поданичкиот дух на Македонецот. Дека се што е туѓо, овде отсекогаш било повеќе ценето, сакано, почитувано, вреднувано… за разлика од своето! Па дури и во ваквите моменти на тага и жалење!

А, само ден-два претходно, замина една исто така голема пејачка легенда. Човек, важен па дури и многу поважен за македонската музичка историја. Можеби не толку познат денес кај помладите генерации, ама сигурно бил идол на нивните мајки и татковци или баби и дедовци. И тоа многу повеќе од тоа што големиот Оливер беше идол на овие, турбофолк новиве. Зашто со него растеле, на неговите игранки се забавувале и се заљубувале, со неговата и музиката која ја изведувал со својата група се запознавале со светот и светските движења, модата, начинот на размислување, го вдахнувале вкусот на западот во 60-те.

Само пред неколку дена во Германија, каде живееше и работеше, почина Стевче Јаневски – Чивчи, легендарниот вокалист на антологиската македонска рок група „Бис – Без“. Основоположниците на македонската рок ен рол музика, бендот кој на овие простори прв ја донесе свирејќи ја во живо музиката на „Битлси“, „Шедоузи“, „Јардбрдс“, „Ролингстоунси“ „Ху“, „Лед Цепелин“… Бендот кој ги направил првите пионерски чекори и важи за градител на темелите на македонската популарна музика, бендот чии авторки песни како: „Дал да плачам и да пеам“, „Добро утро ученичке“, „Пак сум вљубен Јас“,  „Што е врева“ и „Било и поминало“ или првите обиди за стилизација на битот, на македонскиот фолклор во рокот со „Море сокол пие“, се македонска рок историја, македонска рок антологија, која за жал како со гумичка ја бришеме.

Почина еден македонски рок ен рол бард, човек кој со својот бенд им го трасирал патот на плејадата слебеници низ годиниве, а никој, или речиси никој не го ни спомена, со чест на ретките исклучоци како МРТВ. Ниту еден македонски портал, ниту едно радио, ниту една друга телевизија не објавија напис, прилог, емисија, омаж… за еден од најзначајните македонски апостоли на рок културата во оваа земја.

За „пилиштарите“ и „Р.И.П. помодарите“  на социјалните мрежи и да не зборуваме. За нив, се’ почнува – од нив! Заев и Владата не ја ни  споменуваме… Ионака вокалот на Чивчи и музиката на „Бис – Без“ до Муртино кој знае дали воопшто допреле во тоа време… А, до поединци, веројатно не допреле ни денес!

Ама затоа за некои други, го прегореа Интернетот праќајќи пораки на сочувство и соопштенија. И повторно ќе се вратиме на почетокот за да кажеме: не дека не треба! Напротив! Оливер беше голем и како пејач и како човек! Но сигурно ништо помал не беше ниту Чивчи. А беше и е многу позаслужен, многу повреден, многу позначаен, многу нешта многу… за Македонија, нејзината популарна музика, рок ен рол историјата и развојот на субкултурата на оваа земја.

За жал, немо гледајќи го ликот и постапките на „заталканите“ во историјата на оваа земја, на крај не преостанува ништо друго освен цитирајќи ги стиховите од најпознатата песна на Чивчи и неговите „Бис – Без“ со  чудење да констатираме: „Дал да плачам ил да пејам, твојот лик не ми кажува…“?

Во чест и сеќавање на големиот Чивчи!

 

To top