Мегафон

Влатко Стефановски уште еднаш покажа колку е голем… и музичар и човек: И покрај ненадејната смрт на брат му Горан, не ја откажа австралиската турнеја

Влатко Стефановски уште еднаш покажа колку е голем… и музичар и човек: И покрај ненадејната смрт на брат му Горан, не ја откажа австралиската турнеја

Гитарата под прстите на Влатко Стефановски не свири, туку таа пее, плаче, ја бакнува душата, ги милува човечките емоции… Тоа е барем оддамна познато.

Тој е нашиот гитарски херој. Македонска музичка легенда, заштитен знак, трејд марк на македонскиот рок ен рол омаж, сиве овие години. Голем музичар, оригинален автор, но уште поголем човек…

А животот не беше нималку нежен кон него, уште помалку фер како кон човек кој направи многу за да ги разубави туѓите животи, на туѓите души да им вдахне мала светлина од кандилце која како дух на културата, на својот народ и на својата земја им ги оставил во наследство за навека, за овие и идните поколенијата…

Уште како многу млад останаува без својата мајка, пред само една година и без својата најголема љубов – сопругата, а сега и без својот  брат, големиот Горан Стефановски, чија ненадејна смрт го затече како и сите нас, но него го погоди директно во срцето, уште еднаш парчосувајќи му ја душата… Онаа иста голема душа која иако толку пати ранувана, уште двојно повеќе ја покажала својата ширина, големина, човечност…

Така е и овој пат. Во моментите на длабока тага, кога го губиш она што ти е крв, најблизок дел од семејството, кога повеќето не би биле ниту способни на нозе да застанат и ниту збор да изустат, тој собра и сила и храброст уште еднаш да покаже колку е голем не само како музичар, туку и како човек.

Влатко не сакаше да ги изневери своите фанови, следбениците на неговата музика и во моментите на најголема болка не ја откажа веќе закажаната австралиска турнеја. Нешто што им е својствено само на најголемите, на највозвишените уметници, но и луѓе…

Сигурно дека е тешко во такви мигови да собереш храброст и да излезеш на сцената за да свириш или да запееш за „Вера, љубов и надеж“… Или песните чии стихови ги напишал токму оној што повеќе физички го нема, а со кого си бил нераскинливо врзан… Но Влатко тоа го може. Можеби затоа и е единствен… Најголем, бесмрттен, како и неговиот заминат брат Горан и неговите дела…

Затоа Влатко Стефановски вечерва, 30 ноември, во Мелбурн ќе свири… Ќе свири и утре, на 1. декември во Сиднеј и задутре на 2. декември во Перт… Ќе свири со отворена душа, за инает на судбината, во чест на брат му, пркосејќи и на смртта со она што во животот како и Горан, најдобро знаел да го прави… Да ја осветли туѓата душа! Конечно, да е жив и Горан би му го посоветувал, или би го направил истото… Зашто на големите уметници дарбата им е од Бога дадена, а на големите луѓе – човештината…

А Влатко Стефановски уште еднаш покажa колку е голем… И во едното и во другото!

 

 

 

To top