Не е спорно дека Владо Јаневски е и ќе остане запишан во антологијата на македонската забавна и поп музика како една од најголемите естрадни ѕвезди. Пејач со харизма и пред се’ магија во стиховите кои ги пишува за своите песни, кои на волшебен начин допираат и ги милуваат срцата на вљубените, а како мелем на лута рана ги лечат душите на разочараните и оставените.
Едноставно „чаирскиот романтичар“ и покрај сите муабети со или без основа за неговите наводни „позајмици“ од разни веќе објавени извори е неприкосновен во тој домен, зашто само тој може така да ги спакува зборовите кои знаат да ги разгалат емоциите дури и на оние најцврстите.
Кога на сето тоа ќе се додадат сите оние музички ноти преточени во хитови кои самиот тој или некои други автори му ги напишаа во кариерата (Р. Саздов, Г. Копров… итн.), излегува дека Владо Јаневски нема кој не го сака.
Особено претставничките на понежниот пол за кои и најмногу пее или барем најмногу се пронаоѓаат во неговите песни и стихови. Од старо до младо, од баби и мајки, до ќерки и внуки сите неизмерно го обожаваат пејачот за сите генерации. И според многумина можеби тоа е така, а можеби и не е…?
Како навистина стојат работите, најдобро знае самиот тој, зашто оној кој илјадници го сакаат и следат, му се поклонуваат и приклонуваат, многу е веројатно дека исто толку и не го сакаат, негираат, мразат, плукаат… Или барем за него им е сеедно!
Владо пред еден од своите претстоечки концерти најдобро ја опишал целата ситуација кога е во прашање популарноста и тоа токму онака како што тој самиот ја чувствува сиве овие „златни години“ од текот на целата негова кариера. Претерал или бил апсолутно реален во оценката, е прашање кој колку му верува, но сепак…
Дури и да не е така, во секоја кажана реченица, има барем половина вистина, па веројатно така и во ова негово отворање на душата во едно од неговите последни интервјуа, во кое „гевгелискиот чаирчанец“ раскажуваше за оној „невидлив конец“ со кој во срцата се поврзани тој и неговата верна „5 отстотна“ публика…
Фото: Инстаграм/vladojanevskiofficial