Мегафон роденденски јубилеј

„Вистина“ ја истурка првата деценија: Десет години оригинални, уникатни, препознатливи… вистински!

„Вистина“ ја истурка првата деценија: Десет години оригинални, уникатни, препознатливи… вистински!

20 ноември, ден денешен, 2013 година… Денот кога пред една цела деценија тогаш само на нашиот, набргу па се’ до денес многу повеќе Ваш  портал Вистина.ком.мк, (Vistina.com.mk) осамна првиот текст. … Тогаш  уште еден нов онлајн медиум, денес познат, признат, етаблиран и што е најважно многу посетуван и читан портал. Бевме и останавме Ваш медиум. Не дека ги нема доволно. Напротив. Или дека меѓу другите нема и доволно добри. Ни случајно, иако таквите на прсти можат да се избројат. Но, нам уште од првиот ден не ни е целта да бидеме подобри од некого. Целта ни беше да бидеме поразлични. Уникатни, препознатливи, оригинални, единствени…  Бренд сам по себе. Препознатлив штом му се спомене името.  Затоа за сите овие години се потрудивме да не бидеме еднолични, исплакнати и само едни од многуте.

Од првиот објавен текст не само ги пренесувавме  информациите туку ги создаваме,  им одиме на настаните и збиднувањата во пресрет, наместо да чекаме некој друг да ни раскаже што таму се случило, а ние само тоа да го преџвакаме. Постојано гребеме под површината за да ја ископаме вистината, наместо компромисно да Ви сервираме фингирани приказни, испеглани информации, премолчени факти, препишани написи… Едноставно ние создаваме приказни!

Ветивме дека ќе бидеме интригантни и забавни,  провокативни и шокантни,  гламурозни и екстравагантни, хумористични и сатирични, но и едукативни и издржани, информативни и промотивни, сериозни и ригорозни, доблесни и бескомпромисни…  Се со цел да Ви ја доближиме реалноста. И останавме доследни на ветеното. И покрај сите „сцили и харидби“ , бури и премрежја низ кои годиниве минувавме и се’ уште минуваме во овие турболентни времиња и опасни години на живеење. Се’ уште сме тука со Вас и за Вас и планираме уште долго да бидеме, за да Ви ја понудиме вистината на дланка, зошто како што велат, секој има своја вистина, но само една е онаа – „вистинската“.  Или како што ние велиме: Само една има вистина – Вистина.ком.мк… Се’ друго е…  Знаете веќе што.

Затоа, од срце Ви благодариме што од првиот напишан збор и првата објавена фотографија до ден  денес останавте со нас. Верна читателска публика, која постојано се зголемува, расте… Ние и понатаму ќе бидеме првите што ќе се потрудат да ви овозможат да дознаете повеќе од тоа што го знаете, или она што вообичаено досега сте можеле да го дознаете. Зашто сме естрадно-забавна лектира,  единствена по својата содржина и по начинот како истата е презентирана. И за читателите и за препишувачите во овој виртуелен хаос, во ова онлајн „село без кучиња“, во кое мнозинството „лингури“  секојдневно безидејно талкаат од портал до портал, бесрамно крадејќи од малкуте вистински, за потоа нивното „копи-пејст“ препишување на туѓите идеи, истражувања, приказни, написи… да го преставуваат како свое дело.

Затоа, само една има Вистина… Единствена оригинална, уникатна, препознатлива… Вистина.ком.мк! Ова се нашите први 10 години… Наши и Ваши, за што од се’ срце Ви благодариме на времето, вниманието, лојалноста, довербата, која никогаш нема да ја изиграме и нема да ве изневериме! А, годините…? Само нека ни се множат… И нам и Вам!

To top