Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски предмалку на својот Фејсбук профил соопшти дека е фатен сторителот кој ја потпали влезната врата на Центарот за култура „Иван Михаилов“ во Битола.
„Со задоволство можам да обзнанам брза и ефективна разрешница на случајот од пред три дена (04.06.2022) со кривично-правниот настан – пожар во центарот „Иван Михајлов“ во Битола, кој е веќе расчистен и имаме приведено лице кое го призна делото. Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода. Уште еднаш покажавме дека единствената моќ што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот. И во овој сегмент нема „пардон“, нема заштитени лица – сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил – мора да одговара!, објави министерот Спасовски.
Како што објави „Слободен печат“ неофицијално се дознава дека уапсениот е популарниот македонски пејач Ламбе Алабакоски кој неодамна се врати со семејството од САД во родниот крај и изјави дека повеќе сака да живее во Македонија.
Описот на лицето што го запалило влезот на клубот на Бугарите во Битола, го даде бугарската министерка Теодора Генчовска која веднаш по настонот се упати од Скопје во Битола каде беше брифирана за сторителот во полициската станица.
Палењето на влезната врата од клубот „Иван Ванчо Михајлов“ предизвика остри реакции кај бугарските политичари кои инцидентот го оценија како варварски чин и провокација, но и кај македонскиот државен врв кои го осудија уништувањето на клубот на Бугарите во Македонија кој пред месец дена помпезно беше отворен со присуство на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, премиерот Петков и министри во неговата влада.
Инаку, пејачот настапи како 19-ти изведувач по ред на фестивалската вечер на Фолк фест Валандово, на 5-ти јуни (недела) со песната ,,Нема збогум”., а беше најавен дека ќе настапи на големиот концерт на групата „Меморија“ оваа сабота како еден од изведувачите кои требаше да ја загреат атмосферата пред почетокот на концертот.
Извор: Слободен печат
Фото: Јутјуб принтскрин/ Инстаграм/lambealabakovski