Промотер

„Тумбао салса бенд“ ја преработија во етно џез верзија македонската народна песна – „Ти ли се најде Лено мори?“ (ВИДЕО)

„Тумбао салса бенд“ ја преработија во етно џез верзија македонската народна песна  – „Ти ли се најде Лено мори?“ (ВИДЕО)

Македонскиот латино-џез состав „Тумбао Салса Бенд“, предводен ов врвниот гитарист Петар Ренџов има нова песна.

Овој пат тие промовираа уште една извонредна обработка во нивни стил, со тоа што етно-џез манир направија кавер на македонската народна песна „Ти ли се најде Лено мори“?  Се работи за традиционална изворна тема чија прва снимка ја направил оркестарот на МРТВ, а своевремено ја отпеала легендарната Вања Лазарова.

Новата етно-џез верзија на „Тумбао салса бенд“ е во интерпретација на вокалистката Ивана Стојановска.

Нејзиниот мек, нежен, елегичен и сугестиван вокал извонредно се вклопува во џезираната верзија на изворната тема, создавајќи една нова универзална музичка целина, поразлична од оригиналот, а сепак толку препознатлива и автентична за нашето музичко поднебје.

„Ти ли се најде Лено мори“ е збогатена и визуелизирана со видеоспот, сниман на локација пред скопскиот ТЦ центар „Бисер“ во населбата Аеродром, каде бендот го изведува својот перформанс во манирот на уличните музичари.

Видеото  го продуцираа и мастерираа Бранко Попчевски и Никола Китановски  -„SUN ART“ (аудио и визуелни уметности) и Горан и Борис Поп – Атанасовиќ – „BABA 3D – studio“, за што Ренџов и бендот јавно им изразија огромна благодарност.

Како сето ова звучи и изгледа спакувано во аудио-визуелен запис, проследете од видеото во продолжение (КЛИКНИ ТУКА):

To top