Деновиве во Музејот на македонската борба, македонското изворно фолк трио “Кладенец” пред своите најблиски соработници, пријателите, поддржувачите, фановите и новинарите го промовираше најновиот видеоспот за песната насловена “Мајко земјо не плачи”.
Оформено од Сашо Костадиновски, дипломиран етнокореолог на Факултетот за музичка уметност во Штип и Уметнички раководител на КУД “Кирил Пејчиновиќ” Теарце, вокалното трио „Кладенец“ кое покрај Сашо уште го сочинуваат Бобан Трпковски и Мирослав Симјановски, ги негува изворните македонски песни и со тоа придонесува во зачувување на традиционалните вредности на Македонија, а изворниот фолклор е секако една од нив.
По ланското деби со „Да си вечна земјо моја“ – тема со која вокалното трио „Кладенец“ се претстави на минатогодишниот „Лешочки фолк фест 2018“, “Мајко земјо не плачи” е нивното второ остварување кое како и првото, е визуелизирано со извонреден видеоспот.
„Ви го споделуваме новиот проект на триото „Кладенец“ насловен „Мајко земјо не плачи“ за кој триото „Кладенец“ и сите учесници во проектот ги оставија своите срца.
Проектот „Мајко земјо не плачи“ започна како идejа на 5-ти Јануари 2019 година, а заврши како производ во втората половина на март 2019 година. За тој период триото „Кладенец“ и сите соработници дадоја се од себе вложувајќи ги и сопствените животи на -15 степени на ветер, дожд и снег целиот тој период.
Како автор на музиката и аранжманот на „Мајко земјо не плачи“ се јавува добро познатиот Јован василевски, текстот е на Сашо Костадиновски, а изведувачи се трио „Кладенец“.
Традиционални инструменти – Горанчо Ангелов – Гајда, артисти група Сербез – Битола, комити: Благојче Киров Анчов, Новица Ѓогиев, Иван Божиновски и најмалиот Лука Георгиев. Како арамии: Суад Фазли и Зоран Стојчески.
Во продолжение погледнете го она што пред само неколку дена беше промовирано пред македонската публика.