Естрадата има свои непишани правила, па покрај тоа што песната мора да ти биде хит за да биде слушана, однесувањето, ама и изгледот, имиџот, шминката, фризурата и модните креации ги прават пејачите и особено пејачките, познати, славни, популарни… музички ѕвезди!
Од ова не отстапуваат ниту домашните пејачки, особено не оние од новата генерација, кои на секој нов настап, ТВ гостување, видеоспот… се појавуваат во нова модна креација! Некои си се сами на себе си кројачи, други посегнуваат по фабричка конфекција, додека трети остваруваат конекција со некои од веќе познатите македонски модни дизајнери комплетно препуштајќи им ја својата гардероба на нивната креативна имагинација и вештите шнајдерски раце!
View this post on Instagram
Една од оние која неретко специјално креира за македонските музички ѕвезди или поточно за естрадните пејачки е и модната креаторка Ива Спасовска.
Така, Бојана Скендеровски, Лина Пејовска, Барбара Ракичевиќ, Лара Иванова, Антониа Гиговска, Тијана Периќ… се само дел од естрадните убавици чии модни креации ги препуштиле на вредните раце и острите ножици на кумановската дизајнерка. И сите тие имаат едно врзно ткиво, еден заеднички именител во својот страдно-моден изглед, па и во комплетниот имиџ, ако на тоа се додадат и разните парчиња накит и останатите модни аксесоари, за да изгледаат како некоја светска или барем регионална музичка дива, тука е нивната модна креаторка Ива!
Арно ама, токму овие последниве две, Антониа и Тијана испадна дека или имаат апсолутно ист вкус, едната комплетно ја ископирала другата или нивната модна дизајнерка во недостаток на инспирација, на пејачките им ја „подметнала“ истата креација?
Зашто, како поинаку да се објасни креацијата на Тијана Периќ во нејзиното најново музичко видео „Невера“, каде пејачката е облечена од раменици до петици во апсолутно истата модна комбинација како и неколку недели претходно, нејзината колешка Антониа Гиговска?!
Комбинезон од црна провидна тантела, кој е искомбиниран со асиметрично, свилено, мини парче со отворен преклоп до препони, украсено со брош над колкот.
Во него Антониа најпрвин се фотографирала, па подоцна и пеела на еден-два свои настапи…
За подоцна истото да го облече и во него да се фотографира и Тијана.
А подоцна во истиот комбинезон да се појави и во најновиот свој спот!
А истото тоа модне парче сосе сите детали и модни аксесоари, како своја креција го потпишува кумановската модна дизајнерка, Ива Спасовска! Случајно или намерно, желба на едната да го носи истото што и другата или некој пробал модно „да им го смести“ на двете „естрадни невести“? После се’ – е сосема сеедно! Важно да е добро испрано откако го носела едната, пред да го облече другата!
А, кога веќе не се до крај уникатни и свои, вие само можете да избирате и да одлучите на која од двете пејачки, креацијата подобро и стои?!
Фото: Инстаграм/ivaspasovskaatelier/antoniagigovskaa/tijana.perikj/