Денес (16.10.2019) се полнат 12 години откако почина најдобриот македонски вокал Тоше Проески.
Тој беше еден од најдобрите вокали, човек со големо срце, фановите и колегите го обожаваа, а неговата парола гласеше: „Ве сакам сите“.
И по 12 години од неговата смрт, болката не исчезнува, се уште е присутна длабоко во срцата на неговите најблиски и најмили, а остануваат и спомените и да го паметиме само по убавите нешта.
Неговите песни и ден денес живеат кај младата публика и неговите верни фанови.
Неговите колеги денес се присетуваат на Тоше, меѓу нив Весна Бејби Петрушевска, Тони Цетинкси кои преку социјалните мрежи објавуваат колку им недостига колегата, пријателот.
На Тоше се потсети хрватската пејачка Нина Бадриќ која на својот „Инстаграм“ објави фотографија од пејачот и напиша:
„Никогаш заборавен, никогаш прежален, засекогаш сакан“ напиша Бадриќ.
Калиопи на својот „Инстаграм“ исто така објави фотографија од неа и Тоше:
„Ќе ми недостигаш засекогаш“.
На Проески се потсети и Тијана Дапчевиќ….
Елена Ристеска објави фотографија од нивната прва средба:
„Кога првпат се сретнавме“.
Тоа кобно утро на 16-ти Октомври 2007 година, никој од нас не сакаше да поверува во она што го слуша, дека Тоше трагично го загубил животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка ама вистината беше сурова и болно реална.
Во негова чест и оваа година маратонците заминаа за Хрватска од каде по 12ти пат ќе се трча ултрамаратонот од Нова Градишка до Крушево. 900 километри во чест на Тоше!