Брачната двојка македонски фолкери Татјана Лазаревска и Новица Василевски речиси шест години живеат во Мелбурн, Австралија. Однеодамна, тие веќе не се кираџии, зашто си купија нова куќа и веќе се вселија во неа.
Татјана и Новица не кажуваат колку чини новиот дом, затоа се пресреќни и што ќе може да уживаат во него заедно со нивните синови, Петар и Стефан, а честитките пристигнаа од сите страни.
Деновиве на гости кај нив беше дел од екипата на сателитската ИН ТВ од Македонија и Австралија, кои се пофалија дека навистина прекрасно си поминале таму и дека Татјана и Новица се одлични домаќини и гостопримливи луѓе. Заедно со нив, беа и дел од членовите на групата „Маестрал“ од Битола, кои во моментов се на Австралиска турнеја, па според фотографиите со сигурност може да се каже дека имало одлична македонска дружба.
Татјана и Новица и овој пат се покажале како одлични домаќини, секогаш подготвени со преполна софра, и пријателско добредојде да ги дочекаат гостите од родната Македонија.
Така, пред извесно време тие ги угостија и Мартин Вучиќ и Бубе – „Фортуна“, кои беа на турнеја во Австралија со националниот ансамбл „Танец“, а Татјана и Новица средба и дружење имаа и со легендата на македонскта фолк музика, пејачката Благица Павловска која пред неколку месеци ги посети во нивниот дом во Мелбурн.
Татјана во едно неодамнешно интервју за ИН ТВ, зборуваше за животот во Австралија и колку им било тешко или лесно да се прилагодат на тамошниот живот.
„За мене и за Новица апсолутно не беше ништо ново. Со Новица, заедно со Биоритам или јас со други колеги претходно веќе бев седум пати на турнеја во Австралија. Имавме голем круг на пријатели, поддржувачи на нашата музика и љубители на нашите песни. Одлуката падна кога почувствувавме дека во поглед на музиката направивме се што може да се направи во Македонија и без некоја конкретна причина решивме да заминеме“ – истакна Татјана во таа прилика.
Таа меѓудругото раскажа дека животот во Австралија е прекрасен, одлично се прифатени од луѓето таму и дека стекнале уште поголем број пријатели.
Инаку, Татјана од понеделник до петок се дружи со најмладите, бидејќи работи како учителка во градинка, но викендите и се резервирани за свирки и песни со Новица и нејзините колеги – музичари од Мелбурн.
Во меѓувреме, иако не беше ниту 1-ви април ниту „Ноќ на вештерките“, учителката реши „да се маскира“… Или поточно да ја смени бојата на косата, па Татјана од блондинка стана црвенокоса… Или поточно „розова“.
Коментарите различни… Едни велат промената е добредојдена, други, под итно да ја врати блонд нијансата, зашто русокосите биле позабавни ( како што пееше и големиот заводник Род Стјуарт), а и посекси!
Блонд или пинк, едно е сигурно: Татјана штом застане на сцена и се фати за микрофонот предизвикува… „пожар“! Или што би рекле народски – „пали“!