Радио Милева ваква песна на светот му е потребна

Тамара ја претстави евровизиската песна „Proud“ и видеото за неа: Отсекогаш сме биле добри, можеме ли годинава и горди? (ВИДЕО)

Тамара ја претстави евровизиската песна „Proud“ и видеото за неа: Отсекогаш сме биле добри, можеме ли годинава и горди? (ВИДЕО)

Тамара и МРТ, вчеравечер, 8 март, ја пратставија Евровизиската песна „Proud“ со која пејачката ќе не претставува во Израел. Едноставна, но исклучително моќна балада, фасцинантно отпеана со сугестивниот, впечатлив и разурнувачки вокал на Тамара и стихови кои во себе носат силна порака од која морници ти поминуваат по телото. Така отприлика може да се опише чувството кога за прв пат ја слушате нашата евровизиска песна и изведбата на Тамара. Со еден збор кажано: Моќно… Како никогаш досега!

Зашто, покрај песната се чини дека овој пат имаме и комплетен пакет, комплетен мозаик кој ги склопува коцкичките за евровизиски успех… И песна, и пејачка и изглед и што е најважно силна порака… И тоа општоприфатена, општоцивилизациска, универзална! Затоа и во старт можеме да бидеме „горди“! Резултатот на крајот конечно и не е важен. За него одлучуваат и многу други, немузички фактори! Важен е само впечатокот кој ќе го оставиш! Слушајќи ја премиерно „Proud“ веднаш е јасно дека нема втора шанса за прв впечаток… Зашто од неа нема ни потреба! Тамара и нејзиниот, нашиот евровизиски тим не направија горди уште на прво слушање! Се надеваме и радосни на претстојниот Евросонг во Телавив. Зашто ваква песна, навистина и е потребна на Европа…И не само нејзе, му е потребна на светот! А ние ја имаме!

За мозаикот да биде комплетен, а впечатокот уште посилен се погрижиле авторите и на видеото кое ја заокружува приказната. Едноставно, а исто толку моќно колку и песната. Видео во кое се испреплетуваат  дузина помалку или повеќе познати, до сосема анонимни  македонски женски ликови од естрадниот, културниот, општествениот и јавниот живот. Познати манекенки и модели, пејачки и водителки, актерки, писателки, лекарки… до мали дечиња, меѓу кои и ќерката на Тамара, Хана. Од Тијана, Катерина Ивановска, Ана Исаиева, преку Ана Стојановска и Винка Саздова, до Јагода Михајловска – Георгиева и др. Софија Пејкова… како симбол на силни, успешни, горди жени… Тие на себе, а нивните семејства и општеството на нив! Жени, чиј еден поглед, една гестикулација, едно движење во спотот кажува повеќе од илјада зборови, потенцирајќи ја основната порака на песната… „Proud“!

Нам заедно со Тамара ни останува на 16 мај во Телавив да му покажеме на светот дека отсекогаш сме биле, сме и ќе бидеме доволно добри… и ГОРДИ! Како што и самата Тамара напиша во дел од пораката со која и се обрати на јавноста преку својот Инстаграм профил, кога беше избрана да ја претставува Македонија на Евросонг 2019!

Гледаш, за мене на Евровизија никогаш не беше  најважно да се влезе во финалето, да се биде во првите десет, па дури да победиш. Евровизијата, за мене, отсекогаш била многу повеќе од тоа!

Евровизијата е прифаќање на различните, пркосејќи им на нормите, горд на тоа кој си, токму онаков како што си. Евровизијата е  една ноќ во годината кога целиот континент се состанува за да ја слави смелоста, храброста и индивидуалноста! Тоа е местото каде што различните нешта се горди.

Јас сум мајка на две деца: тригодишно девојче и тримесечно момче. Знам дека звучи како клише, но тие навистина го сменија мојот живот и чувствувам, како мајка и како родител, дека тоа е моја одговорност, НАША одговорност да направиме позитивни промени во животот на нашите деца.

Денес, гледајќи ја мојата ќерка, сакам таа да порасне во свет каде што луѓето нема да ја судат, кажуват како да се однесува, како да се насмевнува и да се движи. Сакам да знае дека таа не мора да ги следи правилата што треба да се прифатат. Сакам да биде таа која сака да биде и што е најважно, да се гордееме со она што е таа. Тоа е најмалку што можам да направам за неа.

Горда сум што можам да кажам дека на 16 мај ќе и ја посветам мојата песна на мојата ќерка и ќе пеам за сите таму на кои им било кажано дека треба секогаш да ги наведнат своите глави и да ги следат строгите правила.

На 16-ти мај, ќе ги прекршиме правилат и барем на една ноќ во годината ќе му покажеме на светот дека јас сум ГОРД(А) и секогаш посилна од нивното: никогаш нема да бидете доволно добри!

Секогаш ќе бидете доволно добри!

Се гледаме во Тел Авив!

To top