Во 2008 година за публиката на поп-пејачката Каролина Гочева беше изненадување кога го објави албумот „Македонско девојче“, музички пакет кој по темата и сензибилитетот, ретко кој го очекуваше, а немаше на кој не му се допадна.
Затоа во 2014 година Каролина и нејзината матична „Авалон“ продукција го издадоа и „Македонско девојче 2“ кој за многу кратко време стана еден од најслушаните, а тоа го потврдија и неколкуте концерти кои таа ги одржа во Македонската опера и балет.
Сега, три години подоцна, Гочева го најавува својот нов албум, како и концертите закажани во МОБ за месец февруари од 23-ти до 26-ти.
Синглот „Ѕвона“ беше најава за тоа што може да се очекува, па додека младата невеста и тазе младоженецот се уште се во Америка на меден месец, кај нас на големо се зборува и пишува за новитетите кои претстојат.