Ништо лично

Стриптиз на дното: Прости им Боже, не знаат што прават!

Стриптиз на дното: Прости им Боже, не знаат што прават!

Колку повеќе коронапандемијата во Македонија го достигнува врвот, толку повеќе власта го допира дното. Или има уште и угоре, кога се бројките со новозаразени и починати од Ковид 19 во прашање и удолу, кога се работи за (не)способноста на владеачката гарнитура и мизеријата до која не доведоа?

Виткајќи ја кичмата  за да и удоволат на политиката, Министерот за здравство и комисијата и кумуваа на прогресијата на пандемијата. И тоа на сметка на мнозинството, а за сметка на малцинството, зашто нивните одлуки по теркот: „топло-ладно“, еднаш – важи, друг пат – не важи, за едни – може, за другите – не може,  доведе до тоа  пандемијата да царува, а незадоволството кај мнозинството да кулминира.  Заради загрозеното здравје, а уште повеќе заради загрозените елементарни човекови права, слободи, определби… останавме згрозени!

Зашто за едни и за Рамазан „секој ден беше Велигден“, а другите и за Велигден и за Задушница се третиран како духови… Како да ги нема, да не постојат, па за да не си прават „Бајрам на умот“ дека можат да празнуваат  и за живите и за мртвите, власта два пати ги пушти…  „курбан“!

И сето тоа под проѕирниот плашт на „грижа за народот“ , под кој всушност се крие грижа за сопствениот политички задник и разнишаната фотелја која треба час побргу да си ја спасат, за во неа да седат уште четири години!  И тоа со неразумни компромиси од типот:  Карантин по гета! А во гетото, ни контрола, ни бутур, па прави кој што сака, шета кој колку сака и каде сака. Распашана „банда“ без команда, зашто тие што командуваат од нивните гласови зависат. Башка, ја затворија престолнината, а половина „скопјани“ ден пред тридневниот полициски час му ја летнаа „дома“ или на продолжен викенд по туристичките места. Па сега „здравствените генијалци“  и нивните политички ментори со нивните селективни одлуки и таму каде што немаше зараза, ќе ја рашират. Од Охрид,  Дојран и Маврово, низ цела провинција…

И додека оние по гетата си ја тераат, оние што божем одлучуваат, не знаат каде тераат!  Да знаеа, немаше по три дена карантин, четвртиот да ги отвораат кафеаните, а три дена подоцна, да ги затворат и гробиштата!  Прости им Боже, не знаат што прават, па тргнувајќи по туѓ ум, наместо логиката на науката, ја следат алчноста на политиката!

Истата онаа политика која вработуваше  во јавната администрација „партиски војничиња“ , од лепачи на плакати до селски старлети, па сега од што немаат што друго да праваат, наместо да работат, за да не се досадуваат –  танцуваат…  „Тик – Ток“ на затворска шипка или мешаат чочек по канцеларии на министерставата и државните институции.

Автопатишта и тунели колку што се фалевте и ветувавте да изградевте, „кромидаркиве“ ќе беа барем употребливи, ако не за друго за чочек во тунел или  „тверкање“ на банкина!

До стриптиз  на биро, уште не се стигнати… Не можат на ред да дојдат од првата стриптизета – „специјалната“.  Дали откако укапира сиротата дека Боки Тредичи ја вештачи и покажува гардеробата како олеснителен доказ или виде дека е модерно да се „шизи“ по канцеларии,  па  и таа „пошизе“ и тргна да се соблекува. За да Видат ревизорите дека гаќите не и се од парите во извештаите од  Луј Витон торбата… Или малку поинаква е борбата, па со „луда предумисла“  некој ја подучил како да се спаси од  повеќегодишна робија? Стриптиз на дното! Море, не дно – под  дното ја дотеравме.

Или не не бива или навистина лоша среќа не следи… И од трите, каде баш Ката – ко што рече Богдан – „Бетмен“!

Ама ако… Среќата се врти, како тркало! Судбината е стара проверена ку*ва, па ако си тргнал да се ку*ваш со неа, кога тогаш ќе го јадеш. И тоа до балчак!

Не џабе еден од најсподелуваните „фејсбук графити“ за карантинскиов задушница викенд  е:

„Ако и викендов го поминам во ‘домашен притвор’, на денот гласање ќе бидам во самоизолација“!

 

 

To top