Мегафон јубилеј

Списанието „Современост“ одбележува 70-годишнина од своето постоење

Списанието „Современост“ одбележува 70-годишнина од своето постоење

На 17 ноември (среда) во 19:00 часот во Големиот салон на Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, списанието за литература, култура и уметност „Современост“ ќе ја одбележи 70-годишнината од своето постоење.

Јубилејот на списанието „Современост“ годинава се поклопува со 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, кој и самиот во суштинска мера придонел за егзистенцијата и развојот на ова списание, а кому годинава му е посветен и тематски број.

На настанот ќе се промовираат скорешни изданија на списанието за кои ќе зборува главниот и одговорен уредник, современиот македонски писател Стефан Марковски. Дел од редакцискиот тим на „Современост“ се и: Снежана Стојчевска, извршна уредничка, Мишо Китаноски, уредник, Верица Мукоска, уредничка, и Никола Алтиев, уредник.

На настанот ќе се врачи наградата „Современост“ на Славчо Ковилоски – книжевен историчар и научен истражувач во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а ќе бидат доделени и благодарници на сите оние кои внесоа дел од својата  книжевна работа во списанието и се верни поддржувачи и читатели на македонските книжевни списанија.

Настанот ќе го води младата писателка и постдипломка по македонска книжевност Верица Мукоска. На настанот ќе присуствуваат значајни имиња од македонската книжевна сцена кои во изминатите децении укажуваа чест и ги збогатуваа содржините со своите прозни текстови, стихови, драми, есеи, трудови и разговори.

To top