Ништо лично ништо лично

Спиеш ли мирно градоначалниче Шилегов?

Спиеш ли мирно градоначалниче Шилегов?

Скопје се дави – градоначалникот „спие“. Скопје го јадат кучиња – Шилегов „мирно спие“! Имаше ли некој од неговите да го разбуди од летната дремка пред некој ден кога невремето го поплави главниот град и да му каже дека Скопје се дави во вода до гуша, а неговите граѓани и нивниот тешко стекнат имот страдаат од паднати дрва, разлетани настрешници и сонцобрани, турнати делови од покриви…?

И додека бившиот градоначалник Коце Трајановски со личен пример, во гумени чизми до колена и со засукани ракави беше на чело на оние што отпушуваа канали и расчистуваа надојден смет уште додека траеше секое невреме, особено она незапаметеното  кое однесе и човечки животи, Шилегов мирно спие…

Чекаше кијаметот да мине, па дури потоа се појавија тој и неговата свита да изустат соопштение. Декларативно… смешно и зачудувачки! Излегоа за да кажат дека нема да ги обештетат граѓаните кои претрпеа штети од невремето, зашто брзината на ветерот што дуваше не соодветствувал со брзина „пропишана“ за обесшетување?!

Требаше ли да дува Развигорче или Повардарец, за на Шилегов „да му поклопат параметрите“ за обесштетување од непогодата? Или граѓаните треба да си купат ветроказ со ветромер за секој случај, за во иднина, иако уште оддамна им е јасно „од кај дува ветрот“!?  Ама лесно е да изигруваш градски паша, кого единственото ветерче што те дувка е она од под клима уредот во градоначалничката канцеларија! И додека претходната власт масовно садеше дрва, оваа не само што тоа го укина, туку не најде за сходно да ги отсрани ни оние сувите, за кои граѓаните реагираа и алармираа уште претходно дека се потенцијална опасност при невреме.

Штетата потоа е видлива… и жал, ненадоместлива, оти ветерот им се погоди на Шилегов и градските власти. Ама затоа, како јагниња „ги колат“ здравите стебла, онаму каде што им пречат за да никнат нови згради или по некое инфраструктурно ќоше…

И додека Скопје се дави и по секој дожд заличува на Венеција, Петре Шилегов се фали со проекти како пуштање (некогаш веќе постоечка) автобуската постојка во ГТЦ или делење такси ваучери за пијаници, наместо да ги засука ракавите и да почне да ги си исполнува своите должности… Ама очигледно градоначалникот „спие“. И тој и оние на Центар, Карпош…

Во срцето на градот пак, среде плоштадот Македонија покрај фонтаната „Воинот на коњ“, каде е најфреквентното место низ кое дневно минуваат илјадници граѓани и домашни и странски туристи глетка – да те фати страв! Покрај Вардар си, ама како да си на „Вардариште“… глутница од десетици бездомни кучиња-скитници лежат на загреаниот плочник од плоштадот.

Уште мелку минувачите ќе треба да ги прескокнуваат… Се додека гладните пци не прескокнат некој оброк, па истите тиа минувачи не станат мета и цел на напад, како што впрочем речиси и секојдневно се случува, особено во ноќните часови.

Глетка по која место Шилегов  и неговите од СДС, за градска власт слободно можевме да ги поставиме „Анима мунди“. Тие барем ќе решеа еден проблем – подобро ќе ги згрижеа пците – скитници!

Вака, „кучињата си лаат (и касаат), а карванот си врви“… Ама не е „страшно“, оти дење мирно спијат, а „спие“ и градоначалникот на Скопје… Горат само социјалните мрежи, и врие незадоволството кај народот.

А, ние граѓаните на метрополата сме ОК. Ич да не се секираш градоначалниче.

При секое невреме во Скопје, нам ни е како на Малдиви… Затоа само ти „спиј“.  Само прашањето е… Спиеш ли мирно градоначалниче Шилегов? И до кога?

 

To top