Со концерт на светски познатиот пијанист Симон Трпчески в четврток, во 20 часот се отвора новата сезона на Филхармонија. На програмата се две дела од Франц Лист, а диригент е Габриел Бебешелеа. Концертот е насловен „Данте 700“ .
Солистот Трпчевски вели дека е пресреќен што ќе настапи заедно со маестро Бебешелеа и оркестарот на Филхармонија.
Овој концерт се реализира на покана на Габриел со кој досега сме имале повеќе заеднички настапи во различни делови на светот, но ова ни е прв во Македонија. Станува збор за голем професионалец, музичар, кој ќе понуди многу свежина во програмскиот концепт на Филхармонија. Програмата на концертот „Данте“ е целосно изградена на опусот на Лист, неговиот Концерт бр. 2 е исклучителен како и целокупниот негов опус, има многу иновации во формата и во начинот на кој го претставува пијаното – изјави Трпчески на денешната прес-конфрецнија.
За настапот пред домашната публика Трпчески вели:
Секогаш сум давал сè од себе кога сум настапувал на сцените во светот. Чинам дека е природно чувство да се носи еден поголем интензитет на емоција кога се свири дома. Секогаш кога сум свирел дома, радоста била уште поголема.
Бебешелеа, шеф-диригент на Филхармонија вели дека е среќен сум е повторно тука и што се враќа со исклучителен концерт со кој беше затворена концертната серија која ја започна минатата година, која му е посветена на исклучителниот италијански писател Данте Алигиери и неговата „Божествена комедија“.
Тоа што сум заедно на сцена со мојот долгогодишен пријател Симон Трпчески е исто така важно за мене, досега сме настапувале насекаде низ светот, но ова ни е прв заеднички настап во Македонија. Моите концерти оваа сезона во Филхармонија се на некаков начин врзани со времето, како тоа се отсликува на позитивен и на негативен начин. Таков ќе биде и проектот насловен „Време“ со кој ќе ја затвориме оваа концертна сезона, вели маестро Бебешелеа.
Тина Иванова, в.д директорка на Филхармонија информираше дека со новото мото е „Филхармонија во движење“ кое алудира на фактот дека во екот на најголемата пандемија Филхармонија не ги затвори портите за својата публика, туку продолжи да се „движи“ и да ја реализира својата програма.
Иванова рече дека во новата концертна сезона ќе настапат исклучителни солисти како Тимоти Рајдаут (виола, Англија), Јеил Еум Сон (пијано, Ј.Кореја), Марија Солозлобова (виолина, Русија), Андреи Коробејников (пијано, Русија), Елишија Силверштајн (виолина, САД), Сајака Соџи (виолина Јапонија), кваретот „Баланеску“… Со оркестарот ќе диригираат Паскал Галоа, Емил Табаков, Конрад ван Алфен, Урош Лајовиц, Михал Нестерович и др. Освен солистите кои доаѓаат од различни краишта на светот, ќе настапат и домашни уметници – Анна Кондратенко, Ева Богоевска, Маја Чаначевиќ, Паскал Краповски.
На програмата, освен „железните“ класици на симфонизмот се и дела од модерни и современи автори кои за првпат ќе прозвучат кај нас – како антологиското дело „Музика за 18 музичари“ од американскиот композитор Стив Рајх кое премиерно ќе биде изведено на 14 октомври.