Дека некои песни се безвременски и својот пат, своето место и значење го покажуваат тогаш кога е најпотребно, та било тоа години подоцна, најдобар доказ е „Чукни во дрво“ на легендарниот ВлатКо Стефановски, односно најголемата македонска група на сите времиња, „Леб и сол“.
Под мотото #ОстаниДома, група од врвни македонски музички артисти, меѓу кои и самиот Влатко Стефановски со неговото трио, Калиопи Букле, Тамара Тодевска, оперската дива Весна Гиновска – Илкова, светски познатиот македонски пијанист Симон Трпчески, Андријана Јаневска, Ленче и Горан Кукиќ, Игор Џамбазов, Бени Шаќири, Алкесандар Митевски и Драган Спасов-Дац, Вера од Милошевска – Љубојна, Влатко Лозановски, Пере од Нокаут, Миле Кузмановски и Васил Зафирчев, ги соединија своите гласови и позитивни енергии во изведба на легендарната „Чукни во дрво“.
Покрај авторот на песната Влатко Стефановски, свој придонес во проектот дадоа Мандолинскиот оркестар „Скопје“ во аранжаман и под диригентска палка на Ерхан Шукри, Иван Кукиќ на бас гитара и синот на Влатко – Јан Стефановски на тапани.
Во организација и продукција на Македонската Радио Телевизија, а со цел поддршка и верба за брзо закрепнување на планетата, секој од учесниците, самостојно од дома, испратија обединета, универзална порака за она што е сепак најважно – здравје, среќа и љубов!
Или како што се вели во безвременските стихови на песната: „ Со една надеж, за трошка љубов, за малку среќа, живееме…“!