Рок групата „Lincoln Letter“ ќе одржи концертна промоција на својот деби албум „Bedtime Stories“, во денсинг салата во МКЦ на 29 декември во 20 часот, со бесплатен влез за сите посетители. Рок музиката на младиот скопски бенд е инспирирана од музиката на вестерн филмовите. Албумот, кој е снимен во 2019 година во Скопје, содржи 12 песни кои функционираат како засебни вестерн приказни.
На албумот „Bedtime Stories“ работеле музичките продуценти Ади Имери и Милош Краљевски, како и самиот бенд.
„Ќе излажеме ако кажеме дека не сме возбудени пред нашиот прв самостоен концерт. Промоцијата на албумот е настан кој уште од почетокот на бендот ни бил една од главните цели и радости. „Bedtime Stories“ е нашиот прв албум и со нетрпение чекаме конечно да го споделиме со публиката и да ги чуеме нивните реакции, бидејќи до последен момент го работевме со сите наши креативни потенцијали. Ветуваме дека ќе е многу гласно“ – вели фронтменот Јаков Наумоски.
Со силен фокус на раскажување приказни и решителност да „изрокаат“, бендот „Lincoln Letter“ е составен Јаков Наумоски, Јулијан Мицевски, Борјан Гаговски и Стефан Сајковски.
По точно еден месец следува првата можност да се слушне целиот албум во живо во денсинг салата на МКЦ, а по концертот за слушателите ќе бидат достапни и бесплатни „download“ кодови за албумот.
Погледнете го видео спотот за нивниот прв сингл „The Man Who Became Legend“.