Колумбиската пејачка Шакира се соочува со нови обвиненија. Шпанското обвинителство сега ја обвини за измама на државата од 6,7 милиони евра во 2018 година.
Веќе се очекува да и се суди во Барселона во ноември поради случајот со неплаќање данок од 14,5 милиони евра за периодот од 2012 до 2014 година. Таа цело време ја негира вината, а во случај да биде осудена може да се соочи со 8 години затвор.
Во новите обвиненија, обвинителот тврди дека пејачката не пријавила профит од 12,5 милиони долари во 2018 година како аванс за нејзината светска турнеја „Ел Дорадо“. Обвинителите тврдат дека таа престојувала во Шпанија и затоа била обврзана таму да плаќа даноци на нејзиниот приход, без оглед на тоа каде е заработен.
Наместо тоа, таа, наводно, ги пренасочила парите кон „компании со седиште во земји со ниски даноци“. Шакира е обвинета и дека не платила 5,4 милиони евра данок на доход, а се проценува дека должи шест милиони откако ќе ги земе предвид пресметаните камати и доброволните плаќања.
Таа е обвинета и за измама на државата од 773.600 евра данок на богатство, што резултирало со долг од 625.190 евра. Адвокатскиот тим на Шакира рече дека таа не добила никакво известување за новиот случај во Мајами, каде што сега е сместена.
Фото: Принтскрин/Епа-Ефе