Легендата на македонската забавна музика, битолскиот пејач Сефедин Бајрамов откако кон крајот на 2020 година ја промовираше својата песна „Животот и јас“, одново се враќа на естрадната сцена со нов проект.
Овој пат неговата нова песна носи наслов „Може ли“ и како и претходната обилува со препознатливи шлагерски ноти, а според амбиентот и атмосферата што ја отсликува, не враќа во убавите стари времиња на незаборавните македонски забавни рефрени од некогашните фестивали кон крајот на 60-ите, 70-ите па и почетокот 80-ите години на минатиот век.
Познатиот битолски шансониер небега од својот препознатлив стил, музика која царуваше во времето кога тој и неговата генерација беа млади и растеа со неа, па така и сега во своите зрели години кога одвреме-навреме се враќа во музичките води, го негува музичкиот стил на својата генерација, која веројатно ќе биде и главен конзумент на неговите нови песни како што е оваа прекрасна шансона.
Музиката овој пат ја напишал неговиот сограѓанин, композиторот Миодраг Нечак, стиховите се повторно на Валентин Соклевски, додека за аранжманот бил задолжен Дамир Имери. Аудио продукцијата и овој пат му е доверена на Љупчо Павловски, а песната како и минатата е снимена во музичкото студио „Анастасиија“.
Песната е визуелизирана и со видеоспот сниман нанеколку локации во преубавите предели на Пелистер и Охридското езеро, а спотот и овој пат е во продукција и режија на познатиот уметнички фотограф и режисер на видеоспотови Дарио Јанковиќ и неговата „Генерал“ видеопродукција.
„Мора да ја споменам и да и се заблагодарам на Мартина Давидовска, фото модел, девојка која е позната на модните писти во земјава и странство, која е главниот женски лик во видеото.
Се надевам дека ова мое ново стварување ќе го најде патот до мојата сакана публика и пошироко и ќе допре до срцата на они кои со нетрпение ја чекаат промоцијата на оваа неколку месеци најавувана песна, а сакам само малку да откријам дека веќе започнаа работите околу промоцијата на новата песна и спот, а тоа ќе биде нешто ново кај нас, но за тоа потоа.
Промоцијата ќе биде по модерните текови на организација на промоции од ваков тип, а како и претходната промоција ќе биде настан за паметење во Битола, вели популарниот Сефко за “Битола њуз“, а вие проследете ги и песната и видеото на македонската пејачка легенда.