Македонскиот гитарски блуз и не само блуз виртоуз Игор Атанасовски, или како што публиката го препознава по неговиот прекар Гуру Харе, е неуморен, па од неговата непресушна гитарска работилница излезе нова песна.
Имено, по соработките со Игор Џамбазов, „Нокаут“, Тамара, Аки Рахимовски… овој пат своето авторство и гитарско умеење го здружи со уште македонска музичка легенда, пејачот за сите времиња и генерации, Мики Јовановски – Џафер.
А, нивната приказна е една и единствена, зашто во овие кич времиња тие носат светлина на надеж дека рок ен ролот не замрел на овие простори, а хармониката и синтисајзерот се’ уште не го закопале гитарскиот звук, а трилерот не го уништил рифот!
Едноставна гитарска тема, можеби малку подзаборавена и старомодна, со тематско соло на Харе и вообичаениот препознатлив вокал на Џафер… Нешто што не е ниту ново и неслушнато, а сепак е вистинско освежување за сите оние кои фармерките, каубојските чизми и кожните јакни и елечиња, никогаш нема да ги заменат, како некои други што ги заменија опинците со штикли!
Како и да е Гуру Харе ја продолжува низата на соработки со познати и значајни фаци, а во исто време лица кои биле, се’ и ќе останат препознатлив музички квалитет, без оглед кој во кој жанр дејствува(л).
На оваа негова гитарска тема се надоврзува визуелизацијата на Емил Мијалковиќ, составена од разиграно лирик видео, прошарано со интересни фотографии и анимации кои целосно содејствуваат со она за што се пее во стиховите на песната. Нискобуџетно, ама ефектно видеопокритие за музичката приказна на Гуру Харе и Мики – Џафер насловена „Посакав да пеам“…
Веруваме дека и вие посакавте да ја проследите: