Викендов, на 9-ти септември 2022 година, некогашната политичарка Елена Петковска му кажа ДА и пред Бога на Мајкл Атанасоски, син на познатиот бизнисмен и сопственик на ТВ Сонце, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, па свечениот чин на официјално стапување во брак двојката го прослави со семејна веселба во еден елитен скопски локал..
Повозрасните генерации ја паметат како атрактивната поп пејачка од некогашното женско вокално трио, „Ексклузив“, а подоцна и како ТВ водителка во тогашната ТВ „АБ Канал“ а еден период беше и наставничка основното училиште ,„11 Октомври,“ во скопски Центар.
Сепак, последно Елена Ели Петковска беше запаметена како советничка токму во општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и координатор за правни работи во МЕПСО.
Иако своевремено тврдеше дека политиката е она нешто во кое најмногу се пронашла себеси, таа својот животен пат ќе го насоичи сосема во друг правец, откако ќе се запознае со Мајкл, синот на сопственикот на скопската телевизија ТВ „Сонце“, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.
„Искрено не би сакала да зборувам за мојот приватен живот, можеби звучи себично, но сепак се трудам и сакам да си ја зачувам приватноста, а со тоа и да ги заштитам моите најблиски. Само ќе кажам дека богатство покрај себе да имаш човек кој беспрекорно те почитува и поддржува во секој сегмент. А за свадбените ѕвона мислам дека се’ уште е рано, но никогаш не се знае – може да изненадам“ – ќе изјави во 2016 година тогашната политичарка во едно свое интервју за„Фокус“.
Елена Петковска пред неколку години замина во Соединетите Американски Држави, поточно во Флорида, а причината беше љубовна – за да биде покрај човекот на својот живот. Парот веќе неколку години живее заедно, а имаат и едно детенце. Но, поради короната досега не успејаа да направат свадбена веселба за нивните најблиски во Македонија.
Сега најдоа време и можност гламурозната свадба да ја направат во еден престижен ресторан во центарот на Скопје.
Невестата во елегантен, долг, свечен невестински фустан украсен со светкави каменчиња, но и прилично расположена и весела.
Како и не би била, кога музиката и е во гените и вените, па затоа и самата покажа дека и тоа како умее да запее и танцува, да се весели.
И кога е првиот свадбен танц во прашање и кога свират зурли и чукаат тапани!
Невестинската торта исто така на „ниво“! Поточно на четири нивоа, односно четири ката, украсена со бели рози и иницијалите на младите испишани со златна прехрамбена боја.
Нека им е за многу години на младите, да се среќни, вечни и се разбира, многудетни!
Фото: Инстаграм принтскрин/principessaelenaeli/Приватна архива