Роберт Билбилов по кој знае кој пат потврди дека е вистински хитмејкер, мајстор на современиот звук и модерната продукција. Новата песна овој пат не ја зачува за себе, туку несебечино ја сподели во дуте со младата и мошне талентирана пејачка од новата генерација, Лара Иванова.
Иако ова не му е прв дует, Билбилов подеднакво покажува дека е мултиталентиран автор и изведувач. Дует темата на која Билбилов е комплетен музички автор кој ги потпишува композицијата, аранжманот, продукцијата, миксот и мастерингот и е снимена во неговот студио (Just RB Production), носи наслов „Јас против целиот свет“. Стиховите на неговиот во последно време постојан соработник Роберт Зимбаков совршено се вклопиле во целата проекција, како и вокалните делници на двајцата пејачи.
Музички повеќе од издржана, песната звучи како музичко парче откинато од она што го диктираат новите музички трендови, па да не е испеана на македонски туку на англиски и да не знаете дека се работи за македонски изведувачи, слободно ќе помислите дека е симната од некоја од светските топ листи.
Билбилов едноставно е човек кој не само што ги следи модерните музички трендови, туку и самиот подеднакво совршено се вклопува во нив, користејќи ги последните плагини, модерните бои, следејќи го начинот на последните трендови во светската продукција… Затоа и се’ што ќе помине низ неговите раце, уши, воопшто низ неговата креативна работилница и студио, звучи светски.
Песната „Јас против целиот свет“ е визуелизирана со едноставно, нискобуџетно, но доволно креатино видео кое овој пат го потпишува Ѓорѓи Вацев, чија визуелизација е сосема солидна поткрепа за приказната и пораката која ја носат во себе стиховите и атмосферата на песната.
Како звучи и изгледа „Јас против целиот свет“ на Роберт Билбилов и Лара Иванова проследете во продолжение: