Македонскиот народен театар на 24 декември ќе ја изведе премиерата на мјузиклот „Мама миа!“ во режија на Наташа Поплавска…
Режисерката Наташа Поплавска во интервјуто за МИА вели дека мјузиклот е процес кој бара многу работа, откажувања и посветеност.
Поплавска и овојпат соработува со кореографката Олга Панго и со диригентката Бисера Чадловска. Ќе трае 180 минути и по премиерата на 24 декември ќе има уште три претстави до новата година (26-ти, 27-ми и 29 декември).
„Да, мјузиклите се скапи проекти, токму поради тоа што бројат најмалку 150 костими и најмалку 50-ина изведувачи на сцена. Вклучува работа со оркестар, луѓе кои, исто така, макотрпно ќе дојдат до резултатот, потоа танчари, пејачи, актери… Тука е и техничката поддршка, микрофоните и многу детали кои се потребни за продуцирање на еден мјузикл или обемен театарски проект. Па потоа заедничката работа и спојувањето на ансамблите, тоа е навистина голем број на луѓе, потреби, сите артисти… Но, јас уживам токму во тој спој, кога ќе ги видам заедно на сцена или поединечно зад сцена, како се подготвуваат за сцена. Често на изведбите сум со нив, затоа што реткост е на сцена или во животното работно искуство да имаш соработка со колеги од разни гранки на уметноста и да си на исто место во еден ист миг во животот. Радосно е!”, вели за МИА Поплавска.
Во „Мама миа!“ ќе видите една нова комбинација на актери од средната и помладата генерација на Македонскиот народен театар. На сцена ќе ги има веќе докажаните актерки на театарот: Арна Шијак или Велма во „Чикаго“, Тања Кочовска или Мама Мортон во „Чикаго“, Биљана Драгичевиќ-Пројковска или Мери Саншајн во „Чикаго“. Носечката улога во помладата генерација на ролји ја толкува младата талентирана актерка Нина Деан. За „Мама миа!“ ќе има и алтернации за главните ролји, а тоа се актерите Звездана Ангеловска, Висар Вишка и Јана Стојановска (како гостин од Драмски театар) кои ќе се појават во главните ролји, па така публиката ќе може да ја види „Мама миа!“ со две различни актерски креации.