Промотер

„Поп арт бенд“ ја крунисаа со свој аранжман „Ноќна кралица“ на Ерзана (ВИДЕО)

„Поп арт бенд“ ја крунисаа со свој аранжман „Ноќна кралица“ на Ерзана (ВИДЕО)

Песната „Ноќна кралица“ беше голем хит во  90-ите кој тогаш уште младата македонска пејачка од албанско потекло Ерзана Бериша, ја отпеа на брилијантен начин на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 1998“.

Две децении подоцна, скопскиот „Поп арт бенд“  го преработија овој голем македонски хит, крунисувајќи го со свој аранжман. Оригиналната музика инаку е дело на самата Ерзана, додека стиховите на песната ги напиша Клементина Крстановска, а  аранжманот го потпиша Дарко Димитров.

Оваа верзија на „Ноќна кралица“ ја свират и пејат во живо членовите на „Поп арт бенд“, предводени од вокалната изведба на Моника Јанков – Малиша, која своевремено имаше и соло кариера и самата настапувајќи на „Макфест 2007“ со темата „Луда по тебе“ чиј комплетен автор е Кристијан Габроски.

Моника како вокал на „Поп арт бенд“ на себесвојствен начин и дава свој печат на „Ноќната кралица“ на Ерзана, боејќи го овој голем хит со поинаква боја, вдахнувајќи му доза на соул и ар ен би дух на ова модерно музичко парче, зад чиј микс и продукција овој пат стои еден од најдобрите македонски тон сниматели и музички продуценти, Евгениј Каревски – Гени. 

Покрај Моника, во „Поп арт бенд“ членуваат и Марио Ристовски – бас гитара Димитар Ганчевски – клавијатури Филип Пулески – гитара Кристијан Лафазановски – тапани Анета Василева – придружни вокали.

Оваа „лајв“ верзија доби и свој концертен видеозапис кој го изработил Томе Влашески – Куба,  кој е потпишан како продуцент на видеото и камерман, Петар Димов како втор камерман,  додека Сашо Јовановски – Тарзан бил одговорен за светлото.  Стручните раце од Инфинито студио се погрижиле за шминката, а спотот е снимен во „Лофт бар“ – Скопје.

Како изгледа и звучи „Ноќната кралица“ на Ерзана во изведба на „Поп арт бенд“ проследете во продолжение.