Истражувањата велат дека во 2018 година готвењето било многу тренди, дека било ептен „кул“ да поминуваш доволно време во кујната, па таквата манија ги зафаќа речиси сите што занаат барем да го вклучат шпоретот… Ако не друго за да бидат „ин“… Или „божем ин“ на социјалните мрежи.
Македонската поп дива периодов очигледно не е многу музички активна. По концертите во регионот, Калиопи ужива во добра храна добро вино и добро друштво со пријателите… надвор од Македонија!
Нејзините вокални квалитети им се на сите добро познати, но оние готвачките за пошироката јавност се апсолутна непознаница. Се разбира освен за оние неколку нејзини домашни пријатели кои знаат како изгледа дивата кога е и по пижами и по тренерки, а Бога ми и по престилка за готвење.
До сега само тие, ама отсега и ние и Вие… Зашто Калиопи реши да ги израдува своите пријатели и тоа на туѓ терен. Беше на гости, ама и таму реши да покаже колку е домаќинка, па ја врза истата таа престилка и правец во кујната… За манџи и специјалитети кои се подготвуваат со часови е неумесно да се троши времето во туѓа куќа, па затоа дивата реши набрзина да демонстрира како се подготвуваат „палачинки ала Опи“ на пејачки начин.
Или како што (би) ги нарекла самата: „Ѕtar pancakes“. Рецептот не го откри и го зачува за себе, ама затоа палачинките несебично ги подели со пријателите.
Е сега дали сите завршија во тавчето, па на трпезата, или при вртењето некоја од нив заврши во плафонот…?
До душа, прашање е што е плафон, кога самата Калиопи тврди дека за неа… „само небото е лимит“! Епа, наздравје!