Почина познатиот македонски пејач и инструменталист Васил Ангов.
Сношти, 23 октомври 2020 година пред полноќ,престана да чука срцето на гевгелискиот музичар, пејач, повеќекратен учесник на македонските фестивалски сцени – Васил Ангов.
Васил Ангов беше еден од најпопуларните македонски пејачи кон крајот на деведеситтите години и почетокот на новиот милениум во Македонија. Имаше безброј забележителни фестивалски настапи на најпознатите македонски фестивали на забавна музика како „Макфест“ и „Скопскиот фестивал“ и беше чест гостин во медиумите.
Ангов своевремено работеше и во Царинската управа на Република Македонија, а последните години заедно со неговиот постар син Димитар настапуваше по локалните клубови, кафулиња и локали во Гевгелија и околината.
Немилата вест која молскавично проструи низ Гевгелија, ја пренесе неговото семејство, а неговиот помал син Андон со песна и кус пост јавно се прости од својот татко преку социјалните мрежи: „Почивај во мир тато… Короната ни те зема предвреме“ – напишал на својот Фејсбук профил неговиот син.
Освен тагата за загубениот пријател, сограѓанин, добар другар и извонреден забавувач, гевгеличани ги шокираше и веста дека Васил е третата ковид жртва во Гевгелија, и вториот познат пејач по Драган Вучиќ, кој почина од последиците од коронавирусот. Ангов починал во болнички услови во Скопје, по поставувањето на респиратор, каде не издржал и ја изгубил битката со Ковид 19.
На социјалните мрежи со неверување и болка пријателите се збогуваат со Васил Ангов, кој ќе остане запаметен по неговите песни како „Оди Адио”, „Кому да го дадам срцето”, „Премногу ти верував”, „Ти си ми сонце” и уште неколку познати забавни композиции.