Почина македонскиот композитор, диригент и аранжер, маестро Александар Џамбазов.
Веста за смрта на Александар Џамбазов преку социјалните мрежи ја објави неговиот син Игор Џамбазов.
Си замина нашиот маестро, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години… од денес, конечно со својата Анче… Вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој, пишува Џамбазов на социјалните мрежи.
View this post on Instagram
Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина. Тој е македонски диригент и композитор. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.
Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство. Добитник е на над педесетина награди. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.
Џамбазов е автор е на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.
Александар Џамбазов беше зет за ќерка на легендата и еден од основоположниците на македонското глумиште, славниот Петре Прличко, чија ќерка Анче Џамбазова, односно сопруга на Александар и мајка на Игор Џамбазов беше исто така позната македонска глумица.
Покрај Игор со неа маестро Џамбазов ја има и ќерката Татјана, која долги години живее надвор од Македонија.
Ангелите нека ти го осветлат патот кон вечноста… Почивај во мир маестро!