Промотер

„Паркети“ и „Зоки – Агресор“ „испукаа“ заеднички „музички панк-рок рафал“ од нивниот ресор во – „Pornoboungiorno“ (ВИДЕО)

„Паркети“ и „Зоки – Агресор“ „испукаа“ заеднички „музички панк-рок рафал“ од нивниот ресор во – „Pornoboungiorno“ (ВИДЕО)

По изчегувањето на нивниот последен албум со наслов „Treinta Putos Anos“ во 2021 година и последната песна со наслов: “Дојди да ме бакниш бејбе“ која ја промовираа во февруари годинава (2023), битолскиот панк – рок бенд „Паркети“ има нова песна.

Овој пат „трансформираните“ битолски панкери решиле малку да им се вратат на корените, но овој пат преку своевидна заедничка соработка со еден „стар шизик“ од скопската панк-рок сцена – некогашниот лидер на групата „Рок Агресори“ , Зоран Трпков, попонат како „Зоки – агресор“.

Нивната заедничка тема носи наслов „Pornoboungiorno“ (Добредојде порно), нешто и што може да се очекува познавајќи ја претходната работа на секој од нив одделно.

Музички, во нивен стил, жесток панк-рок со кус риф кој вози и минималистички текст со стихови кои со малку зборови многу кажуваат. Енергично, тензично, кусо, ама бомбастично, конкретно и ефектно. Па, кој ја сфатил пораката – ја сфатил, што во една минута и дваесет и некоја секунда колку што трае песната ја испраќаат, кој не… мора да е навлечен.

Музиката и текстот се на Саш0 – Паркет, гостин вокал е секако Зоки Трпков, а песната е снимена и миксана во „Fushrecords студио“, мастерирана од Огнен Оги Зафировски.
Вокалот на Зоки Трпков е снимен во студиото на Александар Ристовски Пинц, а видеоото со кое е взиуелизирана музичката „Бонџорно порно“ приказна ја  потпишал исто така Сашо Паркет.

Бендот и нивниот гостин се обиделе и да го образложат видеото со зборови, појаснувајќи дека не случајно се избрани сите локации на кои тие се појавуваат во истото.

„Археолошкиот музеј (северна е пречкртана) од кај што одиме кажува дека сме стари фосили… МКЦ и МРТВ се првите места каде што настапувавме и се афирмиравме, а ГТЦ и Камениот мост  се местата каде што се врткавме во раните 90-ти пред и по свирка“ – раскажуваат „Паркети“, споделувајќи ги песната и видеото за  „Pornoboungiorno“ кои можете да ги проследите во продолжение.