Се сеќавате ли на македонскиот пејач(ка) Филип Јаневски? Ја паметите ли Фифи, трансродовата пејач(ка) која го брануваше „Х фактор“ и го шокираше жирито со својот изглед, однесување, а најмногу со својот настап и пеење, оставјќи го тогаш Жељко Јоксимовиќ посрамотен и без зборови?
Фифи денес изгледа многу поинаку. Има подолга коса и изгледа многу поженствено. Фифи последниве години живее во Шведска. Го смени името во Џиа, сè уште пее и јавно се залага за ЛГБТ правата. Интересно е што минатата година се сретна со менторот на конкуренцијата Кристина Ковач, а тој момент го сподели со следбениците на Инстаграм.
Патем, Фифи порано ја отвори душата и зборуваше за нејзината решеност и животна борба да биде она што отсекогаш го чувствувала и сакала – вистинска жена:
„Луѓето не обрнуваа внимание на тоа колку добро пеам, тие само ме коментираа како трансродова личност. За среќа, има луѓе на кои не им е грижа каква е мојата ориентација и затоа ги сакам моите фанови и оние што ме почитуваат“ – вели денес Фифи.
„Уште кога се родив, знаев дека сум девојче. Никогаш не се ни однесував како машко. Бидејќи имам машки полов орган, тоа е единствената работа што не ме прави вистинска жена. На петгодишна возраст станав свесен за „проблемот“ затоа што во тоа време сфатив дека нешто не е во ред со мене. Сакав да шминкам, да се облекувам како принцеза, а моите родители не би го дозволиле тоа, и тогаш сфатив дека сум роден(а) во погрешно тело“ – открива Фифи.
„Јас пораснав со мајка ми и татко ми, а имам помлад брат и сестра. Моите родители отсекогаш биле ужасно конзервативни затоа што живееме во такво опкружување и тешко им беше да прифатат да имаат дете како мене, но многу се мачев да докажам дека е тоа во ред и нема од што да се срамат. После долго време и борбата што ја водев, сега кога наполнив дваесет и две години можам да кажам дека тоа го прифатија. Брат ми и сестра ми навистина ме сакаат, ме поддржуваат и не ме гледаат како чудо или поинаква личност“ – ќе рече во тоа време младата пејач(ка), чиј живот штотуку тргна нагорна линија. Таа ни откри дека отсекогаш била главна во училиште, но дури и тогаш се облекувал(а) како жена.
„На тринаесетгодишна возраст започнав да се облекувам како девојка и решив да не се откажувам од моја цел. Имав ужасни ситуации и расправии со татко ми, кој не ме поддржуваше. Тие секогаш ме облекуваа како момче, а јас не знаев како да се однесувам во машка облека. Ми бранеа да излезам, да се дружам, под изговор: „Не е така. Ти си маж, така треба да се однесуваш и да се облекуваш“. Јас секогаш плачев, бев тажен … Страшно е тоа за едно дете. Порано ја губев желбата да живеам, но на крајот на денот, сфатив дека морам да се борам за себе“ – се жалеше Фифи.
„Иако тие беа ужасно строги кон мене, моите родители не успеаја да ме поколебаат и да ме сменат. Татко ми и мајка ми сè уште ми се обраќаат во машки род, затоа што е многу чудно за нив да ми се обраќаат како на жена. Човекот се раѓа како геј, стрејтн или трансродова личност. Едноставно, науката го докажа тоа. До кога ќе се третира различната сексуална ориентација како болест?“ – прашуваше пејачката.
„Никогаш не сум бил во врска со жена затоа што јас навистина сум вистинска жена“ – се смее Фифи, вртејќи ја приказната на шега.
„Во Македонија, бев претежно со мажи кои ја криеја својата определба. Тие не сакаа да се знае дека сакаат мажи. Пред една година, бев во врска со човек кој не се плашеше да каже дека е со мене, убаво ни беше, но траеше само кратко време. Тој очигледно ме сакаше, но неговата мајка беше против нашата врска и заедно решивме да се разделиме после девет месеци“ – ни откри Фифи, која ја привлекуваат само мажите кои исклучиво сакаат само жени.
„Не ги сакам феминизираните, туку вистинските мажи. Отсекогаш сум била со вистински, стрејт мажи, никогаш со геј, затоа што јас сум жена! Она што ме одделува од моето исполнување на соништата е тоа што сè уште не сум комплетна. Планирам наскоро да започнам со хормонски терапии, по што ќе го променам полот. Јас би сакала да бидам вистинска жена. Се сакам себеси и своето тело, затоа дефинитивно не би ставала силикони, затоа што колку што знам градите растат од хормонската терапија“ – завршува Фифи.