Мегафон

На 5 август во Охрид: Концерт на Бобан Мирковски во „Долни Сарај“

На 5 август во Охрид: Концерт на Бобан Мирковски во „Долни Сарај“

Врвниот македонски пијанист, Бобан Мирковски ја продолжува концертната промоција на неговиот најнов музички проект со наслов „АЛБУМ“, кој содржи 12 најпознати македонски композиции изведени на пијано, овој пат во Охрид.

На 5 август (сабота), на магичниот амбинет на Долни Сарај, под небо од ѕвезди, во пијано изведба публиката ќе има прилика да ги слушне најпознатите македонски евергрини, создадени во периодот од 1969 до 2001. Концертот ќе започне во 22.30 часот.

 

Магијата ќе ја надополнат извонредните вокални изведби на Агни Авшар и Ања Митиќ како специјални гости на концертот.

  • Целиот свој живот сум растен со нашата убава македонската забавна музика, таа е посебен жанр, не е поп-музика. Тоа е, буквално, наша автентична забавна музика, која остави голем траг кај многу генерации. Затоа ми беше многу голема желба да направам ваков албум, со веќе познати композиции. Направивме нови аранжмани, специјално правени за оваа пригода, дел се мои, дел на мојот татко Љупчо Мирковски, дел на мојот тетин Дамир Имери, на кои сум им неизмерно благодарен за целата поддршка што ми ја даваат.– изјави Мирковски

Инаку Бобан Мирковски потекнува од можеби најголемото музичко семејство на Балканот и е најмладиот потомок на Благој Петров – Караѓуле. Неговото музичко образование го комплетирал во 2015 година со пост-дипломските студии на ФМУ Скопје, во класата на проф. Александар Сердар (Р. Србија). Сака да истражува и експериментира со музиката и жанровите, вљубеник е во мјузиката на грушата Queen и секако во македонската музика. На неговиот последен албум, во издание на Баги Комуникации се поместени дела од најпознатите композитори меѓу кои Славе Димитров, Љубомир Бранѓолица, Александар Џамбазов, Григор Копров, Влатко Стефановски, Кире Костов, Љупчо Мирковски, Димитар Масевски, Ванчо Димитров, Калиопи Букле, Дарио Панковски, Александар Митевски.

Со нетрпение го очекувам охридскиот концерт, привилегија е да се музицира во амбиент каков што е Долни Сарај. Подготовките со Агни Авшар и Ања Митиќ се во полн тек и со сигурност кажувам дека тоа ќе биде ноќ за паметење – вели Бобан Мирковски

Концертот е во организација на Баги Комуникации и ќе започне во 22.30 часот. Билетите можат да се набават на сервисот https://bileti.mk/e/bobomirkovski

To top