По 13 години од издавањето на последната плоча „Кога патувам“, членовите на групата Морал минатата година конечно го објавија албумот „Кофеин блуз“ а сега новиот материјал ќе биде и концертно промовиран пред скопската публика. Со мала помош од своите пријатели и во организација на „3 Гонга“, бендот ќе одржи концерт на 28 јануари (недела) во „Станица 26“.
„Албумот се снимаше 5-6 години во неколку студија. Нè следеа сите можни малери: пожари, губење ленти, бришење снимки од компјутер и уште многу нешта, но еве, албумот е тука и навистина сме сите задоволни како звучи. Го имаме препознатливиот рокенрол-звук, иако песните се многу различни. Како гости на албумот се појавуваат Тамара, Слаткар и Игор Џамбазов. На некои песни ни се гости и старите гитаристи на ’Морал’ – Венко Серафимов, Димитар Божиков и Љубо Жишка од ’Парпл Цепелин’“, рече Славчо Стојановски на минатогодишната промоција.
„Coffeine Blues“ е во издание на „Горила рекордс“, за добриот звук се погрижи Дарко Поповски, а фотографиите на обвивката се на Јулија Луна, додека за графичката обработка се погрижи Урош Вељковиќ. Концертната промоција е со почеток од 21 часот, а влезниците се веќе пуштени во претпродажба преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“.