Македонската опера и балет и оваа година ќе биде дел од програмата на 59. издание на фестивалот „Охридско лето“ со „Гала оперски концерт“ што ќе се одржи на 15 јули (понеделник) со почеток во 21 часот, во предворието на црквата Св. Софија – Охрид.
Настапуваат солистите на Националната опера и балет: Весна Ѓиновска Илкова, Борис Трајанов, Благој Нацоски, Наде Талевска, Ирена Кавкалевска, оркестарот на МОБ под диригентска палка на Бисера Чадловска, а концерт мајстор е Климент Тодорски.
На фестивалот „Охридско лето“ редовни гости се солистите, диригентите и ансамблите на МОБ. Впрочем, првиот настан на „Охридско лето“ на 4 август во далечната 1961 година е солистичкиот концерт на оперската Примадона Aна Липша – Тофовиќ – мецосопран. Тој податок кажува доволно за посветеноста и респектот што ансамблите на МОБ го имаат кон фестивалот „Охридско лето“.
59. издание на „Охридско лето“ се отвори вчеравечер, петок, 12 јули со концертот на светски познатата виолинистка Ванеса Меј, а до затворањето на 20 август публиката ќе има можност да ужива со бројни концерти, театарски претстави и изложби што се дел од фестивалската програма.