Поминаа три години откако Каролина Гочева го издаде својот последен деветти албум насловен „Извор“.
Песните како „Убав живот“, „Бели цветови“, „Ѕвона“, „Нема песна за мене“, „Газам боса“, „Ти не дојде“… денес ги знаат речиси сите, а истите ја остварија својата цел и допреа силно до увото на слушателот, што пак е најголемата сатисфакција за авторот и изведувачот.
Сега во време кога поради пандемијата од коронавирус новите музички новитети стагнираа, Каролина реши дека дојде време да сподели убава вест пред своите обожаватели и да го најави својот десетти албум на кој изминатиот период работела со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски.
Во кусата видео објава која ја сподели на својот Инстаграм, таа откри дека првата песна го носи насловот „Идила“, а ќе биде објавена наскоро, како и тоа дека албумот е составен од преработки на најубавите македонски евергрини.
View this post on Instagram
Драги мои пријатели, мислам дека веќе можеме да си дозволиме да споделиме и по некоја убава вест. Многу се радувам што конечно можам да Ви го најавам мојот нов албум – проект на кој заедно со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски работевме скоро две години. Албумот го снимивме на почетокот на оваа година, во јануари, додека идејата за истиот се роди уште во 2016-та, после нашиот прв заеднички настап, на еден концерт на Дуке. Избравме и преработивме 11 од најубавите македонски евергрини од 50-ти, 60-ти, 70-ти години- златната ера на македонската музика, потпишани од некои од нашите најмаркантни автори како Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев, Љубомир Бранѓолица…
За неколку дена ќе може да го слушнете првиот сингл ,,Идила”, додека целиот албум ќе биде достапен наесен. Секако дека планираме и нестрпливо го чекаме денот кога со вас ќе се дружиме и во живо, што ќе се случи во прва прилика штом ќе може да се работи онака како што се работеше до пред појавата на пандемијата.
Се надевам дека ќе уживате во овој проект толку колку што и ние уживавме во целиот процес на неговото создавање. Во меѓувреме, погледнете мала најава за ,,Идила”.
Ве сакаме – порачува Каролина Гочева.