Култната македонска група „Мизар“, пионерите на дарк-звукот во регионот и ѕвезда водилка на музичката авангарда, која на сцената опстојува цели 40 години, деновиве го претстави својот нов сингл, насловен „1903“ (Слобода или смрт). По претходната песна „Messengers of the Downfall“ (Гласници на падот), новиот сингл е песна за слободата, на текст на познатиот македонски писател Петре М. Андреевски, напишан пред 50 години.
Во оригиналниот текст се опишува 1903-та, годината на Илинденското востание, а според членовите на бендот, темата на слободата на нашата земја е многу актуелна и денес.
-Новиот сингл „1903“ (Слобода или смрт) е песна за слободата, тема што нѐ засега и во овој миг, кога сите во светот сме затворени веќе речиси две години во домашен притвор поради пандемијата на ковид. Малку по малку ги губиме своите политички и социјални права, како што се вели и во рефренот на песната „Слобода или смрт“ – вели Горазд Чаповски, лидерот на бендот, пренесе Нова Македонија.
Тој е автор и на музиката и на аранжманот на песната, а во креативниот процес му помогна и вокалистот на групата Зоран Тортевски. Продукцијата, заедно со Чаповски, ја потпишува и Златко Симионски. Видеото го режираше Филип Арсов, а користени се кадри од играниот филм „Третиот пат“.
Претходно групата ги издаде и песните „A Day is coming“ и „Uninije“.
Инаку, „Мизар“ на 7 декември ќе настапи на главната сцена на 23. издание на фестивалот „Таксират“, па, така, по подолга пауза, публиката ќе може да ужива во песните од нивното петто музичко откровение, но и оние постарите што веќе се антологија.