Промотер

„Мизар“ се вратија од регионалната мини турнеја со нова песна – „Вечна празнина“ (АУДИО)

„Мизар“ се вратија од регионалната мини турнеја со нова песна – „Вечна празнина“ (АУДИО)

Култниот македонски бенд  „Мизар“ на почетокот на јуни замина на мини концертна турнеја низ регионот, во рамки на која настапуваа во Љубљана, Риека и Загреб. Во сите три музички центри на поранешната заедничка држава публиката со големо нетрпение ги дочека нивните настапи.

Сегашната постава има пет члена. Покрај Горазд Чаповски, основачот и единствениот член кој никогаш не ја напушти формацијата, „Мизар“ го сочинуваат и Зоран Тортевски (вокал), Пеце Китановски (бас), Александар Ристовски Принц (електрична гитара) и Георги Божиков (тапани).

Инспирација за создавањето на новата песна „Вечна празнина“ беше Риека, каде „Мизар“ настапи по долги 17 години.

„Сите ние на свој начин ги доживуваме добрите и лошите, среќните и тажните моменти од она што го нарекуваме живот. Во виорот на секојдневието и рутината, често забораваме дека животот е многу кревка појава. Сега си тука, а утре можеби ќе те нема“…Ќе остана само една „Вечна празнина“!

Музиката и аранжманот се на Горазд Чаповски, стиховите заеднички со Зоран Тортевски,  а приодукцијата ја потпишува одново лидерот на бендот заедно со продуцентот и тон мајстор Златко Симионски од студиото „До ре ми“.

Обвивката на новиот сингл е оригинално слика на македонскиот уметник Никола Пијанманов, чии дела веќе ги илустрираа песните на „Мизар“.

Шестото албумско откровение на еден од најзначајните македонски бендови се очекува до крајот на оваа година. Од претстојниот албум, тие веќе ги претставија сингловите „Галеб“, „Доаѓа ден“, „Лузна“, „Гласници на пат“, „1903“ и „Изгорен од ова сонце“. “, а публиката која ги доживеа во живо, можеше да почувствува навистина посебна енергија.

Проследете во продолжение како звучи и нивната најнова песна, „Вечна празнина“:

To top