По наградите кои ги собраа со темата „Цреши охридски“ на фестивалот „Охрид фест – Охридски трубадури“, Александар Митевски и актерот Драган Спасов – Дац се појавија и на годинешниов „Макфест 2019“. И не само што влего во финалето, туку нивната „Уште ми фалиш“ за малку не победи, туку го освои вицешампионското второ место, а тие на своето конто додадоа награда од три илјади евра.
Автор на музиката и аранжманот е Александар Митевски, додека стиховите заедничко дело на Митевски и Драган Спасов – Дац, а миксот и мастерингот на песната ги направил Бобан Василевски. Митевски и Дац и со оваа песна ја продолжиле нишката на современи шансони, срцепарателни балади кои со тек на времето како по некое непишано правило стануваат евергрини…. Безвременски песни за сите генерации.
Особено за оние повозрасните, кои низ стиховите на песните како што е „Уште ми фалиш“ прават ретропективна на својот живот и својата младост, на сите остварени и неостварени љубови, желби, мечти, младешки сништа… без оглед кои се и што се, колку се познати или успешни, исполнети и реализирани личности.
Токму такво е и одлично осмисленото видео за песната, за чија визуелизација се погрижила екипата од „Пикадо креатив колектив“. Едноставно, драмски, без расфрлање со голем буџет, но мошне ефектно, со приказна која во потполност ги следи и кореспондира со стиховите на песната. А, во видеото избор на познати и признати, успешни македонски, пред се’ скопски фаци.
Од познати уметници, градски луѓе, бизнисмени, артисти, угостители, композитори, професори, новинари, малостопанственици… чии лица ќе ги препознаете во видеото, а нивните имиња можете да ги прочитате на подолгиот список во одјавната шпица на спотот. Вистински „олстарс“ на успешни луѓе, скопската урбана елита која не е лесно да се собере на едно место во функција на приказната и нејзината визуелизација.
Браво за идејата и нејзината реализација, која можете да ја проследите во видеото за „Уште ми фалиш“ во продолжение.