Минатиот викенд во Штип се одржа 35-то издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2020“, а помеѓу учесниците беа и дуото Драган Спасов Дац – Александар Митевски кои настапија со песната „Ѓавол да те земе“.
Дац и Митевски имаа забележителен настап, а на сцената беа придружувани од дувачкиот состав „Brasstet Скопје“.
Неуморни и секогаш расположени за дружба, веднаш по завршувањето на фестивалот, закажаа промоција на видео спотот за макфестовската „Ѓавол да те земе“, а таа се одржа пред неколку дена во клубот „Tribeca“ во Скопје.
Музика и овој пат ја напиша Александар Митевски, текстот е заедничко дело на Митевски и Дац, додека аранжманот го потпишуваат Иле Спасев и Горан Илиевски.
Музички продуцент е Иле Спасев, а веќеспоменатиот дувачки состав „Брастет Скопје“ гостува во песната и спотот, а во која покрај нив уште свират: гитари – Иле Спасев, виолина – Илија Филиповски, бузуки – Трајче Ставревски, кларинет – Момчило Митровски.
Видео спотот како и обично кога се песните на дуото Митевски – Дац во прашање и овој пат го изработила екипата на „Pikado Creative Collective“ видеопродукција.