Легендарниот македонски музичар и пејач Мики Јовановски Џафер, кој и покрај годините, покажува дека е се’ уште мајстор за рок ен рол. Продолжувајќи ја соработката со разни други повеќе или помалку познати македонски колеги-музичари, сега Џафер не изненади со нова „ортачка песна“.
Овој пат Мики се здружил со актуелниот гитарски мајстор, актуелен член на „Меморија“ и „Леб и сол“, Мичо Божиков кој ги свири гитарските делници и му гостува во видеото за новата песна на Џафер, со романтичен наслов: „Сон на дланките“.
Во прашање е класична поп песна со лесен ритам и роматични стихови, типична летна, опуштена, која носталгично ве враќа низ годините и ве води низ спомените и сеќавањата на животот.
Автор на песната е клавијатуристот на легендарната македонска група „Пу“ односно „Лева патика“ и соработник на Мики Јовановски, стариот познаник Рамиз Јусуфи – Цики.
Текстот е авторско дело на самиот Мики Џафер, додека придружните вокали ги пее некогашната македонска пејачка, Ева Нединковска, денес сопственичка на креативниот центар „Ева“.
За видеото е изработен и едноставен, но ефектен и лефтерен видеоспот од страна на видеопродукцијата „Фабрика“ на Маријан Огненовски, а кадрите се снимани во Градскиот парк и околината на Скопје, покрај Скопскиот аквадукт.
Како звучи оваа летна песна на Мики Џафер и неговата екипа соработници, проследете од видеото во продолжение и уживајте во нивниот, а можеби и Ваш „Сон на дланките“: