Корона пандемијата не само што ни го сврте животот наопаку, туку, покрај здравствените и економските проблеми, предизвика уште еден куп други недоразбирања, дилеми, недоумици… што во длабоко поделено општество како нашево уште толку ја искомплицира ионака замрсената ситуација воречиси во секој сегмент на довчера нормалното живеење.
И додека „селото гореше и се’ уште гори, бабата (власта) се чешлаше“… Исчешлана и натапирана, ама неспособна и неспремна бабата (владата) во старо – ново руво ја дочека и училишната година. Така затечена и неподготвена ниту знаеше што треба да прави, ниту како да се однесува и справи со проблемот кој уште од месец март имаше половина година за да го решава, па набрзина си го „пикна ѓубрето под тепих“ и го одложи проблемот, пролонгирајќи го почетокот на училишната година, додека не смисли решение, кое ниту има идеја, ниту пак ќе го смисли…
Да, постојано смислува, па од ден на ден ги менува импровизациите, кои стариот министер за образование ги почна, новата ни Мила министерка ги продолжува… Па, час имаме „задолжителна“ онлајн настава, час комбинирана, по желба на секој родител, дете или двете за секое дете – поединечно. Смешно, да не е трагично!
И месецот септември кога требаше да заѕвони училишното ѕвонче, за некои и прв пат, генијалците од белата куќа на Илинденска го претворија во „продолжен распуст“. Додека не се совземат и не ги средат мислите, за да смислат нешто. Во меѓувреме, децата од цел Балкан и Европа веќе имаат наставата во првата работна недела од новата учебна година. А нашите, кое по баби и дедовци, кое само дома, поголемите по журки и лумперајки по маалските кафулиња… За да го прослават продолжениот распуст или 1-ви септември, ли?
Времето тече, а проблемот останува, а со него и дилемата: Да се учи од дома – онлајн или да се оди на училиште? Или образованието да го претвориме во желботека, па кој како сака, така нека прави?
Како и да е, и познатите и јавни личности кои имаат деца што одат на училиште го имаат истиот проблем, дилема и недоумица? Или можеби не, зашто секој свесен и совесен си знае да процени што е најдобро, најбезбедно и најздраво за неговото дете. Што да жртвува: социјализицајата или здравјето, физичкото присуство или знаењето? Две добра истовремено нема и засега не може да има, ама од двете треба да се одбере помалото зло, ако така може да се каже!
А македонскат водителка и инфлуенсерка Миа Костова очигледно оддамна расчистила со дилемите и знае што е најдобро за нејзиното синче Андрија. Се’ додека вирусот е „непознаница“ на која „чарето“ се’ уште не и е најдено, ризикувањето на здравјето на конто на физилчкото присуство на настава и социјализацијата на нејзиното дете е беспредметно. Тоа мама Миа јасно си го зацртала, па затоа и јавно го обзанани на социјалните мрежи, поточно, на својот Фејсбук профил, расчистувајќи ја дилемата што потпишала и каква настава ветува дека нејзиниот Андрија ќе посетува!
„Потпишав следење на онлајн настава за Андрија, само и единствено заради мерките и протоколите како и задолжителното носење маска за цело време додека трае наставата. На деца од 6, 7 и 8 години? Ниту сметам дека има социјализација на ваков начин ниту сметам дека ова воопшто може да се почитува на таа возраст. Сметам дека учителките ќе полудат за брзо време и крајно сметам дека дишењето во маска 2-3 часа е сериозен удар врз имунитетот на детето, кое ем ќе се разболува почесто, ем после сето ова, ако воопшто има крај, ќе биде болно на развигорче ветер. И уште ме интересира дали на секоја температура во одделение на било кое дете од џеб ќе треба да плаќам по 4000 денари, за да сум мирна? Онлајн или после сите журки, религиозни збиранки, аеродромски лумперајки ќе оди во школо нормално како и лани? Толку! Со среќа нова школска година!“ – јавно порача Миа Костова, јасно определувајќи се за она што смета дека е исправна одлука на еден свесен и совесен родител, на една мајка на малолетно дете – основец!
А вие останатите… како сакате, изборот е ваш! Се додека нема министер со „мади*а“ да пресече со закон, наместо „да витка кичма“ на секое „мрчење“ на грст малолетни средношколци – ќе биде вака, како што не било откако е света и века: Училишно-образовна желботека!