Македонската група „Меморија“ по пауза од 25 години, реоформена утревечер, сабота 18 ноември ќе го одржи својот голем повратнички концерт во скопската Метрополис арена.
Концертот е по повод 35 години од основањето на бендот и на него ќе настапат членовите на последната постава, засилени со уште еден од нивните бивши вокали – Ристо Самарџиев.
Басистот и еден од основачите на групата, Петар Георгиевски-Камиказа, најави концерт со врвна акустична и видео технологија, специјални аудио,визуелни и светлосни ефекти, графика… но, пред се’, врвна свирка и совршена музичка изведба.
„Меморија“ годинава издаде два албума со избор од нивните најголеми хитови: шестиот албум, насловен „Антологија на балади“, со 11 песни меѓу кои се „Возови“, „Нашите слики“, „Оган под ѕвездите“… и оној од пред неколку дена – нивниот седми албум – Greatest Hits составен од најголемите хитови од брзите песни на групата како „Нена“, „Снежо, Снежана“, „Одам засекогаш“, „Илјада песни“ … и други, промовиран на последната прес-конференција во Пелистер.
На последниот „Македонски радиски фестивал МАРС 2017“ што се одржа во вторникот, 14 ноември 2017 во МОБ, „Меморија“ ја понесе наградата „Трајни вредности“ за особени заслуги и придонес во развојот, афирмацијата и популаризацијата на македонската музика сиве овие години.
Влезниците за концертот се речиси распродадени, па се очекува утревечер полната сала на некогашното скопско сајмиште да биде „урната“ од звуците на музиката на „Меморија“ и очекуваниот фидбек од публиката во полната хала, во која ова ќе нбиде последниот концертен настан пред таа да биде урната.
Пред почетокот на концертот публиката со својот настап ќе ја загрева Марко – Логаут, а како специјални гости на „Меморија“ се најавени легендарната македонска група „Зијан“, вечниот Мики Јовановски – Џафер и Гранит Таќи, вокал на некогашната „Лева патика“ и чобвекот кој го испеа еден од најголемите македонски хитови на сите времиња – „Неправда“, кој ќе настапи заедно со својата ќерка, актуелната пејачка Леана Леа Таќи!