По повеќе од две децении од последниот концерт, членовите на бендот Меморија, на вчерашната прес конференција што се одржа точно напладне во градската кафеана „Пелистер“ ги соопштија сите детали и поединости за најавениот концерт, кој ќе биде проследен со специјални светлосни и визуелни ефекти, аќе ќе се одржи во скопската Метрополис Арена, на 18.-ти ноември со почеток во 20:00 часот.

„Концертот е повеќе од две третини распродаден. Од вчера официјално ги имаме и генералните спонзори – Скопска пивара. Последните подготовки ги правиме на сцената на некогашната Универзална сала и верувајте меморија никогаш не звучела подобро и помоќно“ -меѓудругото рече Петар Георгиевски – Камиказа.

На пресот групата го промовираше и новото ЦД – The Greatest Hits, во кое се содржани веројатно најголемите хитови на Меморија.

„Сакам да ве информирам дека по концертот, Меморија некаде во февруари 2018 ќе промовира и нова песна која се вика ’За тебе’, а оваа прилика ја користиам да ви најавам дека работиме и на материјал за комплетно нов албум кој ќе биде промовиран следната година на истиот датум како и годинешниов повратнички концерт, 18ти ноември. Во меѓувреме во нацрт плановите ни се и таканаречени камерни настапи по театри со специјални холограми и 3Д визуелни ефекти, посебно изработено видео, анимација и графика… Но за тоа кога ќе дојде време“ – додаде лидерот Георгиевски на пресот пред присутните новинари на кои, како и на сите останати медиуми им се заблагодари на сеопфатната поддршка сите овие месеци.