Младото и талентирано момче од Куманово, Мартинијан Кириловски истрајно работеше на интегрирањето на естрадата меѓу пејачите, но и да се издвои со својот прекрасен глас, шарм и харизма со кои освои обожаватели од најмладите до повозрасните.
34-то издание на „Макфест“ каде учествуваше со песната „100 пати на ден“ му ја донесе победата, која е дополнителна мотивација, поттик за работа и популарност. Токму поради победата на споменатиот фестивал, Мартинијан изминатиот викенд во својата агенда имаше доста гостувања на утринските програми на македонските национални телевизии.
Бидејќи се контактни и се емитуваат во живо, многумина од гледачите се јавија да му ја честитаат победата на Мартинијан и да му порачаат дека е одличен, да продолжи во исто темпо и дека нивните симпатии ги освоил со учеството во „Ѕвездите на Гранд“.
Кога станува збор пак за учеството на „Макфест“, Кириловски вели дека на сцената во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, му се случило она што никогаш не го почувствувал на сцената на „Гранд“.
„Кога ја пеев првиот пат во финалето имав многу трема, ми се тресеа рацете. Тоа ми се нема случено на „Ѕвездите на Гранд“. Овде на Макфест секогаш ми се случува. Но, еве кога ја пеев вторпат во финалето како победник, некако полесно ми беше, не чувствував тежина, знаев дека она „најтешкото“ заврши. Ми се наполни срцето кога публиката реагираше додека пеев. Сите ракоплескаа.. неописливо чувство“, вели Мартинијан за порталот Точка.
Низ разговортот не беше изоставено ниту прашањето каква беше соработката со пејачката Јелена Карлеуша како негова менторка во минатата сезона на регионалното шоу каде Мартинијан стигна до финале.
-Крлеуша е вистински професионалец и многу ми значи што работев со неа и научив многу. Се надевам дека во иднина ќе се отвори можноста да снимиме дует, вели Мартинијан кој беше миленикот на Карлеуша од македонските кандидати.
Инаку, Кириловски засега не планира да сними спот за победничката песна „100 пати на ден“, но најзадоволен ќе биде доколку истата стане хит и публиката ја знае и пее.