Радио Милева
Стара песна на нов глас?

Македонскиот избор за Евровизија 2021 пред скандал: МРТ одново со Гарванлиев и рок од само 7 дена за евровизиска песна, пејачите и авторите пред бунт!

Македонскиот избор за Евровизија 2021 пред скандал: МРТ одново со Гарванлиев и рок од само 7 дена за евровизиска песна, пејачите и авторите пред бунт!

„Според  јасно утврдените правила од страна на ЕБУ кои ги обврзуваат националните радиодифузери да селектираат нова песна за Евровизија 2021, а самите да донесат одлука дали минатогодишниот претставник ќе остане истиот и годинава, Македонската Радио Телевизија одлучи задачата да ја претстави Северна Македонија на Евровизија 2021, да остане во рацете на Васил Гарванлиев.

Бројот на земји учеснички за Евровизија 2021 е идентичен како и за претходната, која за жал не се одржа од причини добро познати за сите нас, предизвикани од светската пандемија со новиот корона вирус и беше заменета со алтернативно музичко шоу.

За Евровизија 2021,  се предвидени две полуфинални и една финална вечер, закажани за 18-ти, 20-ти и 22-ри мај во арената Ахој, во Ротердам, а повеќе од дваесет земји ги потврдија истите учесници селектирани од минатата година.

Македонската Радио Телевизија пристапува кон избор на нова песна за Васил Гарванлиев и ги повикува сите заинтересирани страни да ги понудат своите музички проекти на следната е-маил адреса: [email protected], најдоцна до 27-ти јануари 2021 година“.

Ова е отприлика содржината на соопштението кое јавниот сервис официјално го објави на 20 јануари 2021 година и предизвика бура во јавноста. Особено во онаа, естрадната, во која пејачите од македонската музичка сцена останаа стаписани, а авторите во неверување дали е ова можно: Да им се даде сами една недела, само 7 (седум) дена за да подготват песна, да ја средат, снимат и испратат на објавениот конкурс!

Со сиот респект кон Васил Гарванлиев и неговите уметничко-вокални квалитети, кој за жал лани немаше можност да настапи и да ги покаже заради коронапандемијата, општо мислење меѓу естрадната фела е дека годинава сепак требаше да има „поинаков избор“… И на пејач и на песна. Корона кризата ги погоди сите естрадни уметници, повеќето дури и многу повеќе од самиот Гарванлиев, кој остана покус само за евровизискиот настап, а патем речиси никаде и не настапува, ако не се  смета ланскиот „државно субвенциониран концерт“ во Домот на културата во Струмица, додека  останатите останаа скоро една година „без леб“. Без можност за настапи, тезги, концерти, свадби, веселби…  И ако не многу повеќе, тогаш се барем еднакво оштетени како и несудениот евровизиски пејач од Струмица.

Но, Струмица е чудесно место… Таму ликовите како во матрица се повторуваат на најважните места во државата, на кои се доаѓа онака како што се доаѓа. Формално-правно легално, а зад плаштот на регуларното, скриено ѕирка сомнителното!

Оттаму виси прашањето: Зошто повторно Гарванлиев и тоа без преседан, без можност за натпревар со останатиите колеги – изведувачи од естрадата? Тој повластен и награден, тие обесправени и лимитирани, со прстот во уста? Не дека формално-правно МРТВ нема право на своја одлука, но правото на преседан има и своја етичка и морална страна,  ама и обврска и тоа не само кон естрадата, туку најмногу и кон своите гледачи, во исто време и даночни обврзници на оваа земја, од чии пари меѓудругото се финансира и МРТ и самата Евровизија! Потценувањето на нивната интилигенција ја отвора дилемата: Дали одново до убаво спакувано непрепознавање е доведена суштината на измамата?

Од друга страна, авторите останаа стаписани од кусиот рок кој им е даден, зашто само 7 дена да се измисли, креира, отсвири, сними, аранжира, продуцира и испрати песна се не малку, туку ништо! Едноставно „невозможна мисија“, која во „5 до 12“ дури и да имате веќе готова песна  е тешко остварлива и изводлива. Оттаму реакциите и нивниот револт и повик за бојкот на годинешниов избор за Евровизија.

Некои од авторите, ценети, познати и признати музичари, дури и повикуваат на барање правна помош и судска разврска, за според нив, спречување на злоупотреба на службена должност.

Сомничави се и некои од естрадните новинари кои веројатно поучени од минатото искуство, тврдат дека однапред веќе се’ се знае и се’  е договорено, а конкурсот за евровизиска песна е само „мачкање очи“,  чиста формалност за да е запазат пропозициите.

Сето ова остава простор за сомнежи, дилеми, недоумици, претпоставки, кулоарски муабети, чаршиски трачеви, медиумски шпекулации… Со еден збор, простор за креирање на нова афера наречена македонски избор на пејач и песна за Евровизија. Дали потегот на МРТВ ќе покрене лавина на нови незадоволства од која ќе произлезе поголем скандал, или се’ ќе заврши на онаа народната: „Кучињата си лаат, карванот си врви“, ќе видиме наскоро. Седум дена се кус рок, бргу ќе минат, па да почекаме да видиме дали оваа одлука ќе биде „нагазна мина“ и за кого?

Фото: Мартин Трајановски/ Фејсбук принтскрин

 

 

 

Останати вести од Радио Милева